ТОДОР ГЕОРГИЕВСКИ – ТЕДИ


Брези

ТОДОР ГЕОРГИЕВСКИ – ТЕДИ

Роден во Скопје 1935 година . Дипломирал 1961 година на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде слободно цртање и акварел студирал кај проф. Љубомир Белогаски.

Живеел и работел во Скопје како архитект-проектант и активно се бавел со сликарство.
Член на ДЛУМ бил од 1986 година.
Почина во Скопје, ноември 2010 година.

Од  1981 до 2002 година остварил петСамостојни изложби во Скопје-Културно информативен центар (Центар за култура и информации), две  во Домот на армијата воСкопје, потоа во Врање во Изложбениот  салон при Домот на армијата и во Уметничката галерија во Струмица.

Од 1984 до 2002 година Учествувал на Групните изложби на Современ македонски акварел, Сликарство мал формат и Годишните изложби  на ДЛУМ.

Учесник е во работата на повеќе локални и меѓународни ликовни колонии во земјава и странство ( Дојрана- Гевгелија, Заедно-Маврово, Кичево, Никола Маринов - Бугарија)


РЕКОА...

Во своите староградски, скопски, крушевски и други мотиви кои архитектот Тодор Георгиевски со љубов ги слика, емотивно и верно, тивко и племенито, остварува запазени ликовни вредности. 

Вешто компонуван, со архитектонски цврст и стегнат цртеж, со слух за колористична хармоничност, тој успеал убедливо да им ја претстави  атмосверата на тие мотиви.

Затоа, покрај ликовното, тие имаат и свое документарно - фактографско значење.

 
Проф. Љубомир Белогаски



....... А кога ќе застанеме пред неговите слики, неминовно ѓе почуствуваме, како пред нашите очи растат брановите на разбранетото езеро, како светлината ги милува врвовите на стеблата, колку складни се облиците на старата македонска архитектура, каква интимност пружале старите градски и селски амбиенти. Можеби тогаш ќе почуствуваме носталгија по благородните, мирни и достоинствени македонски пејзажи. Можеби тогаш ќе посакаме и една ваза со расцутени трендафили, за да го освежиме тескобниот простор во кој живееме, создавајќи привид, дека сеуште другаруваме со убавините на природата. ................

 
Д-р Коста Балабанов
Историчар на уметноста

abvedit уторак, 10. децембар 2019.
“ Богат татко – Сиромашен татко“ од американскиот финансиски експерт и претприемач Роберт Киосаки


На што ги учат своите деца богатите луѓе, за разлика од сиромашните кои не го прават тоа, е тема на бестселерот со наслов „Богат татко – Сиромашен татко“ од американскиот финансиски експерт и претприемач Роберт Киосаки, кој целиот живот го поминал во финансиско-едукативно творештво.

Неговите книги постигнале неверојатен успех и се најпродавани на листите на „Волстрит журнал“, „Њујорк тајмс“ и „Ју-ес-еј тудеј“. Американецот со јапонско потекло не се родил во богато семејство. Неговите родители му припаѓале на средниот сталеж, па морале напорно да работат за да имаат пари.


Моментот кога „сиромашниот“ татко добил отказ на поодминати години го натерал Роберт интензивно и активно да ги анализира финансиските аспекти на општеството, а своите заклучоци, кои ги запишал во книгите што ги објавува, го освоиле светот. Книгата „Богат татко – Сиромашен татко“ се отвора со разговор меѓу коавторката Шерон Лехтер и нејзиниот син, кој ја поттикнал да се праша дали училиштата ги подготвуваат децата за реалниот свет.

Еве ги десетте правила на Роберт Киосаки кои се водич како да се стекнат богат дух и пари:

Клуч за успех е мрзливоста. Колку повеќе сте вклучени во она што го работите, толку помалку средства ќе заработите.

Ако сакате да бидете богати и среќни, не одете на училиште.

Најдете работа за да научите нешто, а не заради заработка.

Нема да се збогатите на работа, туку дома.

Ако работите за пари, му ја предавате својата моќ на вашиот работодавец. Ако вашите пари работат за вас, ја задржувате моќта и можете да ја контролирате.

Најчесто не напредуваат паметните, туку храбрите.

Талентот не е доволен, мора да научите да се продавате.

Постојано прашувајте се каде ве води вашата секојдневна активност.

Стравот, цинизмот, лошите навики и ароганцијата водат кон неуспех.

Критицизмот заслепува, а анализата ги отвора очите.

„Имав двајца татковци, богат и сиромашен, едниот беше врвно образован и интелигентен, а другиот немаше осмо одделение. И двајцата беа успешни, целиот живот вредно работеа и многу заработија. Но, едниот од нив секогаш имаше финансиски проблеми, а другиот стана еден од најбогатите луѓе на Хаваите. Едниот почина оставајќи десетици милиони долари, другиот зад себе остави неплатени сметки. И двајцата беа силни, харизматични и влијателни, и двајцата ме советуваа. Но нивните совети не беа исти. Силно веруваа во образованието, но не ми препорачаа ист тек на школувањето.“

„Да имав само еден татко, ќе морав да ги прифатам или отфрлам неговите совети. Тоа што имав двајца татковци кои ме советуваа, ми понуди избор меѓу две различни гледишта: гледиштето на богатиот и гледиштето на сиромавиот татко. Наместо едноставно да ги прифатам или отфрлам едните или другите совети, јас размислував, ги споредував, а потоа самиот одлучив“, открива Киосаки, чија приказна за сиромашниот татко се однесува на неговиот биолошки татко, а оној богатиот е таткото на неговиот најблизок пријател.

Роберт Киосаки не наследил економско царство од својот татко, туку самиот го создал. Тој основал училиште за финансии кога открил дека ужива во подучувањето, па се впуштил во едукативните води. Пред својот 50. роденден го продал едукативниот центар, заминал во пензија и преминал во бизниси со вложувања, нафта и злато, па ја основал „Кешфлоу технолоџис“, компанија која се занимава со издавање специјализирани книги.

Своето богатство Киосаки не го постигнал врз принципите на „сиромавиот татко“, односно според моделот кој порано се сметал за единствено исправен.

Класичниот пат на општо образование, работа во државна служба, потпирајќи се на сигурното работно место „до пензија“ со зборовите „молчи и работи“, според него, не е успешен модел во модерното време.

Богатиот татко ги учи децата дека сами треба да го пронајдат својот пат меѓу авторитетите и дека мора да тргнат во правецот кој го сметаат за правилен. За да го постигнат тоа, децата мора да размислуваат за своите квалитети, да откријат што им „лежи“ најдобро и да не трупаат само знаење, туку и снаодливост, како и разбирање на начинот на кој функционира светот денес. Богатиот татко би го советувал детето дека прво треба да го изгради бизнисот, а потоа да го проширува. Детето треба да постигне парите да работат за него, а не обратно.

abvedit среда, 4. децембар 2019.
Марина Мијаковска наградена со „Даница Ручигај“: Секогаш кога нè кршат треба да бидеме цврсти како коската


„Клучна инспиративна фигура ми е великанот на македонската книжевност, академик Анте Поповски, па затоа интертекстуално се повикувам на неговата поезија како љубов кон Македонија, меѓутоа низ еден женски пристап, низ своја женска перспектива“, изјави поетесата Марина Мијаковска, која ја доби плакетата „Даница Ручигај“ за стихозбирката „Коскена“. Наградата е доделена во рамки на книжевниот настан во ДПМ посветен на творештвото на македонските жени-писателки
„Стихозбирката ’Коскена’ во себе ја носи љубовта кон Македонија и македонската култура. Клучна инспиративна фигура ми е великанот на македонската книжевност, академик Анте Поповски, па затоа интертекстуално се повикувам на неговата поезија како љубов кон Македонија, меѓутоа низ еден женски пристап, низ своја женска перспектива. Идејата на ‘Коскена’ е дека секогаш кога нè кршат и го кршат нашиот идентитет треба да бидеме цврсти како коската“, изјави поетесата Марина Мијаковска, на која во Друштвото на писателите на Македонија ѝ беше врачена наградата „Даница Ручигај“ за 2019 година. Таа посочи дека ѝ е особено драго што нејзината стихозбирка „Коскена“, во издание на „Дијалог“ од Скопје, ја добива оваа награда востановена од ДПМ. „Оваа книга ја работев со многу голема љубов и сметам дека создавам женско писмо кое навистина остава книжевни траги. Драго ми е што оваа награда се доделува на жена авторка и е воедно награда за женско поетско писмо“, рече Мијаковска, на која ова ѝ е петта стихозбирка, а досега ги има добиено и Карамановата награда, „Бели мугри“ и Македонска книжевна авангарда. „Иако пишувам и други жанрови (проза и научни трудови) љубовта кон поезијата ми е прва љубов и затоа ми значат поетските награди. Поезијата е нешто што длабоко го носиме во нашиот его простор и во нашата душа…“, додаде Мијаковска која е и доктор по филолошки науки.
Свеченото врачување на плакетата „Даница Ручигај“ се случи во рамки на книжевниот настан во ДПМ, посветен на творештвото на македонските жени писателки „Македонско женско писмо: отворени прашања“ каде што на отворена трибина зборуваа професорите од Филолошкиот факултет Весна Мојсова-Чепишевска и Димитар Пандев.

„Сакам да се осврнам на женскиот поетски стимул во македонскиот 19 век, имајќи предвид две основни современи лингвистички теории, теоријата на стимул-реплика која во нашата средина ја промовира Блаже Конески, и теоријата за расчленување на комуникацискиот канал, особено на испраќачот на пораката што е особено популарна во маркетингот. Имајќи ги предвид овие теории јас им се навраќам на нашите први, условно кажано, поетеси кои сè уште го бараат својот статус во литературата, а тоа се ќерката на готвачот во кујната на владиката Калиник Арса Стрезова од која се испеани голем број песни за коишто може да се утврди дека во нив има авторски интервенции (бидејќи со компаративен пристап нив не можеме да ги најдеме во други литератури), потоа Дафина од Просеник на која особено внимание ѝ посветил Стефан Верковиќ, да ги имаме предвид Миладиновките и секако Дунава Тортеска, бабата која му пеела песни на Васил Икономов. Всушност од овие девојки, мајки, жени, баби го имаме оној поетски стимул што отпосле го издигнал македонскиот јазик на рамниште на литературен“, истакна професорот Пандев кој ги истражувал првите раскажувачки и пејачки, кои се и поетеси и авторки, а се непознати, како што е малку познато дека најголемите записи кои ги направиле и Шапкарев и Цепенков се всушност од жени. Тој воедно посочи и дека треба да се имаат предвид и оние жени кои го спасиле македонскиот јазик во последната етапа на црковно-народната борба спроти македонската револуција. „Тоа се оние песни кои ќе ги запише Васил Икономов и јасно ќе каже дека се од Западна Македонија. Овие песни можеме да кажеме дека се вечни и дека во нив го имаме македонскиот јазик во сета онаа убавина што е зачувана до ден денес, и во поетиката и во нарацијата. Бидејќи токму кај песните на Дафина од Просеник ја имаме појавата на слободниот стих што на времето на сите фолклористи им пречела, а во записите на Кузман Шапкарев имаме еден наддијалектен јазик, иако сите му префрлале дека лошо ги бележи дијалектите. Всушност тој бележел една повисока форма од која што израснува македонскиот литературен јазик“, додаде Пандев.


Како што посочи, пак, професорката Весна Мојсова-Чепишевска со овој настан намерата е да се проговори за некои моменти во т.н. македонско женско писмо. „Со Милица Радевска и Димитар Пандев сакавме да направиме мал пресек и да зборуваме за првите поетски стимули во 19 век, па потоа тука е и моето обраќање за првите три дами на модерната македонска поезија (Даница Ручигај, Евгенија Шуплиновска и Радмила Трифуновска) и тоа ќе се надоврзе на новите моменти во тоа женско писмо или писмото на авторките, поетесите во 21 век“, рече Мојсова-Чепишевска, посочувајќи дека оваа активност е нешто што како ДПМ сакаат подолго време да го работат. „Нашата цел е да направиме и антологии, прво прегледни, а потоа и тематски, така што ова е првата фаза во која најпрво ќе се собереме, ќе продискутираме и ќе си ги отвориме душите, затоа што мислам дека поголемиот број од македонските авторки во втората половина на 20 век немаат вистинско место во македонскиот книжевен канон. И тука е најголемата провокација зошто се решивме да ги отвориме овие средби“, додаде професорката. (Н.И.Т.)

vecer.press


abvedit уторак, 3. децембар 2019.
Seo Services