Румена Војводка





Румена Ѓорѓиева Павлева (Павлова), (Румена војвода) (Ѓуешево, Ќустендилско, околу 1829 - Букурешт, Романија, околу 1895) - жена ајдутски војвода.

Поради повеќе обиди за грабање и исламизирање, татко и рано ја омажил за Георги Шопа. Румена се воодушевувала од ликот и подвигот на војводата Иљо Марков-Малешевски, кој со околу 170 ајдути ја нападнал кулата на Деве Баир во 1854 година. Во истрагата и одмаздата што следувала од страна на Осмалиите, меѓу другите, средсело била мачена и Румена, по што се пријавила за ајдутка, но Малешевски одбил да ја прифати. Таа го напуштила семејството и со помош на Стојан Кркљански како барјактар, формирала своја ајдутска чета. Била страв и трепет за османлиските власти и чорбаџиите насилници на просторот од планината Осогово до Врање од 1858 до 1861. Според една од верзиите за нејзиниот животен пат, по предавството и неуспешниот обид за атентат, ја распуштила четата и со барјактарот пребегале преку реката Дунав и подоцна стапиле во брак и се населиле во Букурешт Романија, каде што и починала. Опеана е во повеќе македонски народни песни како „Планинска Царица“.

Постојат повеќе верзии за годината кога е родена Румена. Според едни околу 1826, а според други 1831 година. Врз основа на податоците на годината кога е мажена се смета дека Румена е родена околу 1829 година во Ѓуешево, Ќустендилско. Таа израснала во убава, снажна и способна девојка, која го привлекувала вниманието на османлиските напасници. Кривопаланечкиот кајмакам, привлечен од нејзината убавина ја грабнал и ја принудувал да се потурчи, но селаните од неколку села се побуниле и се спротивставиле на османлискиот зулум. Околу четириесет селани биле уапсени како бунтовници, но, сепак на крајот заедно со Румена биле ослободени.

Поради повеќе обиди за грабење и исламизирање, татко и во 1843 година, на тринаесет-четиринаесет години, ја омажил за Георги Шопа. Иако Румена рано се омажила за својот соселанец, со тоа не престанале и обидите на османлиите да ја потурчат. Поврзувајќи ја со арамиите и бунтовниците, во случај на било какво убиство по патиштата, властите секогаш ја барале Румена. „Ту ја носеле на истрага во Паланка, ту ја мачеле да ја потурчат“. Притисок и вршеле и преку нејзиниот татко, кој бил одведен во Скопје, каде го држеле во апсана една година. По враќањето, изнемоштен и болен, набрзо починал.

Теророт на османлиската власт, се повеќе ги зголемувала симпатиите на Румена кон ајдуците и бунтовниците, како и желбата таа да се приклучи кон нив и да се бори против насилниците кои се изживувале врз македонското незаштитено население. Уште откако се омажила, таа одржувала врски со некои сејмени од кулата на Деве Баир и со некои ајдути. Румена била импресионирана од подвигот на војводата Иљо Марков Малешевски, кој со околу 170 ајдути ја нападнал кулата на Деве Баир во 1854 година.

Веднаш по нападот на Кулата, била испратена потера по Малешевски дури од Нишко. Во истрага и одмазда што следувала од страна на осмалиите, меѓу другите, средсело била мачена и Румена. Таа молчела додека ја тепале да каже што знае, но овој настан бил пресуден за одлуката која ја донела и пресвртница во нејзиниот живот. Се пријавила за ајдутка, но Малешевски одбил да ја прифати.

Во 1855 година, по кавгата и убиството на некој Турчин, кога сите пропиштеле и во неа како гледале како на ајдутин, одлучила да го напушти семејството и четиригодишниот син Андон и навистина да стане ајдутин. Оставајќи аманет да и се чува синот единец, таа го напуштила семејството и со помош на Стојан ковачот од село К’ркља (Стојан Кркљански) како барјактар, формирала своја ајдутска чета.

Во периодот од 1856 до 1860 или според други податоци од 1858 до 1861 година, Румена со својата ајдучка дружина, станала страв и трепет за османлиските власти и чорбаџиите насилници на просторот од планината Осогово до Врање. Ајдучката дружина вешто раководена од Румена и нејзиниот побратим Стојан барјактарот, заштитувајќи го македонското население, ликвидирала неколку турски арамиски чети, одделни насилници. Многу аги и богаташи, меѓу кои и христијански, биле прогонувани од Румена, за пакостите што ги правеле над сиромасите, а ги напаѓала и предавниците и соработниците со осмалиската власт. Меѓу народот таа била позната како добар војвода и закрилник и станала прочуена како „Планинска царица“.

Против дружината биле покренати бројни потери, но благодарејќи на помошта на бројните јатаци и на македонските селани, Румена успевала да избега префрлајќи се од еден на друг крај. Иако дружината дејствувала самостојно, кога потерите зачестиле и станале побројни, Румена се поврзала со дел од дружината на Иљо Малешевски кој во тоа време се наоѓала во областа на Врање, додека тој со останатиот дел бил во Србија.


Обидот да се поврзат со дружината на Малешевски во околината на Врање останал неуспешен, бидејќи ајдуците на Дедо Иљо не можеле туку така да прифатат жена – ајдутин, кон која гледале со презир и омаловажување. Неприфатена, дружината се вратила на својата територија, а презирот кон жената ајдутин, кој дотогаш бил скриен со дотогашните успеси, се појавил на површина. Неуспехот предизвикал несогласувања и сомнеж кај ајдуците на Румена. Тие причините на неуспехот на дружината го побарале во распадот во побратимството и посестримството меѓу Румена и Стојан.

Сомнежот пренесен од ајдутите на Иљо Малешевски дека неприлега „жена за ајдутин“ го искористил Спасе од село Градец, еден од ајдуците на Румена, кој сакал да стане војвода. Наместо да се издвои и да формира своја дружина, под изговор дека „не прилега жена да ги води“ и дека таа го изневерила посестримството, тој наговорил неколкумина ајдути, да ги ликвидираат Румена и Стојан.

Постојат повеќе верзии за еден од ретките трагични настани во ајдучките дружини во Македонија. Според една од верзиите, кога дружината се наоѓала во некои колиби меѓу селата Градец и Габер, Кривопаланечко, Спасе и Милко од село Габер, ги убиле Румена и Стојан со дрва додека спиеле во колибата. Тоа всушност било едно од ретките предавство во ајдучките дружини и убиство не од османлиите туку од своите содругари. Ова убиство е уште едно во низата од многубројните крвави македонски меѓусебни уништувања како народ.

По убиството дружината под раководство на Спасе делувала неколку месеци и се распаднала, Милко и уште троца ајдути, кои се сметале за виновни за убиството на Румена и Стојан, биле одмаздени од нивниот другар Стоилко од село Трново. Тој ги убил на спиење во село Жидилово, Кривопаланечко, по што се предал на валстите. Единствено се спасил Спасе кој бил отсутен тој ден.

Но постои и друга верзија според која по предавството и неуспешниот обид за атентат за убиство, Румена ја распуштила четата и со барјактарот пребегале преку реката Дунав и подоцна стапиле во брак и се населиле во Букурешт Романија, каде што и починала околу 1895 година.

Румена војвода била водач на една од најпрочуените ајдучки дружини во македонската историја. Таа е опеана во повеќе македонски народни песни како „планинска царица“.

Извор:Википедиjа


abvedit уторак, 23. април 2019.
ОТКРИЕНА „ДАТА БАЗАТА“ НА СИТЕ КНИГИ ВО EВРОПА ОД 16 ВЕК


Ја составил вонбрачниот син на Колумбо, и со векови никој не знаел каде точно се наоѓа. Сè додека неодамна не искрснала среде збирка на исландски истражувач која се чува во Копенхаген.


16 век бил интересно време за книги и за читање, барем за оние кои можеле да си го дозволат задоволството на поседување лична збирка. Ернардо Колон, вонбрачниот син на Колумбо изгледа дека имал доволно ресурси за да ја создаде најголемата библиотека во Европа. Како што пишувавме претходно, таа се состоела од 15.000 книги и повеќе од 3.000 графики и слики, од дела на Платон до постери симнати од ѕидовите на крчми и меани во кои Колон завлегувал на своите долги патешествија. Истовремено тој ја изградил и првата ботаничка градина во својата родна земја, а ја напишал и книгата „Опис на Шпанија“ со повеќе од 6.000 одредници.
Сега, ни помалку ни повеќе туку во Копенхаген, е откриен и каталогот на оваа колекција, тн. Либро де лос Епитомес, кој стоел недопрен скоро 350 години. Станува збор за ракопис кој содржи 2000 страници и детален опис на сите нешта што се чувани во спомнатата библиотека. За жал денес се уште постои само четвртина од наведените книги, а тие од 1552 се чуваат во катедралата во Севиља.
Ракописот е пронајден во збирката на Арни Магнусон, исландски истражувач роден 1663, кој ги донирал своите книги на Универзитетот во Копенхаген во 1730, по што е формиран и посебен Институт Арнамагнеан каде тие се чуваат и проучуваат. Главнината од околу 3000 единици се на исландски или на некој од скандинавските јазици, со само 20 шпански ракописи, што е веројатно причината зошто Либро де лос Епитомес поминала незабележана толку долго време. Прв врската помеѓу Магнусон и Колон ја регистрирал истражувачот Гај Лазур од Универзитетот во Винѕор, Канада, а негови колеги од Универзитетот во Гранада ја потврдиле веродостојноста на наодот.
Методологијата на изработка на овој каталог на Колон била интересна - тој откако ја заокружил збирката ангажирал тим соработници кои требало да ги прочитаат сите книги во библиотеката и да напишат краток текст за секоја од нив, што резултирало со текстови од по неколку редови, до околу 30 страници за комплетните дела на Платон.
Така, ракописот претставува и вистинско досие за сето она што луѓето го читале пред пет векови, и тоа не само кога станува збор за класиците, туку и за евтино печатени алманаси и памфлети. Ова овозможува увид во раната ера на издаваштвото, свет кој за нас во голема мерка е загубен.
Целосниот текст се планира да биде објавен во ново издание до крајот на 2020, а се работи и на негово дигитализирање.

abvedit
Сказна за кусурот



Сказната е „Сказна за кусурот.“ Ја напишав во март 1999 година. Покасно, ја објавив во збирката „Разни сказни“, 2002 година. Кој има време и трпение, нека ја прочита.


„Во една мала и непозната земја, се јавил проблем. Проблемот не бил крупен. Проблемот бил ситен. Проблемот бил во кусурот. Во малата земја се јавил недостиг од ситни пари. Секој се жалел дека нема ситни пари. Продавачите се жалеле од купувачите, бидејќи со себе не носеле ситни пари. Купувачите биле незадоволни од продавачите, бидејќи немале ситни пари, па морале да чекаат за кусурот. Во потешки случаи, самите талкале за да дојдат до ситнина. Никогаш не било разјаснето како и едните и другите доаѓале до потребните ситни пари во услови на сеопшт недостиг на ситни пари. Во тоа време се појавил непознат трговец. Никој не умеел да каже од каде дошол. Мистеријата околу неговата личност уште повеќе се зголемила, благодарение на една негова необична особина. Секоја вечер, како што ќе завршел со пазарот, одел по соседните дуќани за да ги окрупни парите, кои во текот на денот ги заработил. Не сакал да носи дома купишта ситни пари, бидејќи било непрактично. Неговите соседи, дуќанџиите, имале разбирање за неговата потреба и му излегувале во пресрет, давајќи му ги крупните пари до кои дошле во текот на денот. Така, секоја вечер овој човек заминувал среќен, успевајќи ситното да го окрупни. Наредниот ден, пред да го отвори дуќанот, ќе ги посетел дуќанџиите за да му ги раситнат претходно окрупнетите пари. Така, постапувал секоја божја ноќ, односно утро. Дуќанџиите, добри соседи, имале разбирање за необичната навика на трговецот, излегувајќи му во пресрет. По извесно време, забележале одредена нелогичност во однесувањето на трговецот. Не можеле да си објаснат зошто секоја вечер ги окрупнува парите, кога наредното утро ги раситнува. Нивната збунетост се зголемила кога си го поставиле прашањето дали трговецот ги раситнува истите пари, кои ноќ ги окрупнил или, можеби, тоа не се окрупнетите пари од претходниот? Ако е така, од каде му се парите и зошто токму сега ги раситнува? И што прави со окрупнетите пари? Работите накнадно се комплицирале, кога ќе си го поставеле прашањето што точно трговецот прави. Не им било јасно дали го раситнува окрупнетото или го окрупнува раситнетото? Меѓутоа, не можеле да дојдат до сигурни одговори. Единствено биле сигурни дека овој човек во правилни временски интервали повторува исти, но меѓусебно спротиставени операции – што ноќе ќе окрупнел, наутро ќе раситнел. Конфузијата се зголемила кога разбрале дека трговец и немал муштерии (во дуќанот никој не влегувал), па и немало што да окрупнува/раситнува. Не можеле да си објаснат кави бизарни и меѓусебно спротивставени сили управуваат со овој човек. Почитувани, знаети ли и вие што правел непознатиот трговец? Дали ноќе го окрупнувал тоа што дење го стекнувал или наутро го ситнел тоа што претходно го окрупнил? Што ако, се прашувам, раситнувањето и поткусурувањето се само дел од окрупнувањето, а окрупнувањето е дело кон докусурувањето?


Минувале ноќи, денови, седмици,месеци и години, но необичниот обичај на трговец не заминувал. Тој севезден раситнувал, раситнетото го окрупнувал, па окрупнетото повторно го раситнувал. По извесно време, дуќанџиите се нашле во непријатна ситуација. Од една страна, и тие, исто како и трговецот, тешко доаѓале до ситни пари, кои морале да му ги дадат и веднаш потоа да бараат нови ситни пари. Така, со денови мака мачеле. Од друга страна, нивната внимателност, нивната кроткост, како и нивната вродена гостопримливост не им дозволувала да не излезат во пресрет на барањата од трговец. Животот им станал безнадежно растргнат, бидејќи и тие, излегувајќи во пресрет на трговецот, окрупнетото го раситнувале и потоа го окрупнувале. Какоако и да е, не можеле да најдат излез од ситуацијата. По извесно време почнале меѓу себе да раскажуваат разни сказни. Најинтересни биле сказните за неговото потекло. Никој не умеел да каже кога и од каде дошол трговецот. Единствено знаеле дека однесувањето му е необично, дури и шејтанско. Околу ова прашање дуќанџиите се поделиле во повеќе групи. Една група тврдела дека неговото шејтанско однесување говори за неговото шејтанско потекло. Имено, како што времето одминувало, така и трговецот се видоизменувал. Не само што во неговото оденсување имало нешто шејтанско, туку и неговиот лик почнал добива шејтански црти. Погледот, носот, цртите на неговото лице, гестакулацијата, попримале нешто шејтанско. Може ли нешто да наликува на шејтанско, ако не е шејтанско? Оттука, заклучувале, шејтанлакот е доказ за неговото шејтанско потекло. Некои оделе дотаму, што биле спремни да тврдат дека трговецот е самиот Шејтан. Друга група дуќанџии не се согласувала со ова мислење. Тие воопшто не одрекувале дека ликот на трговецот се менува. Меѓутоа, видоизмената на трговецот, според нив, била знак за нешто друго. Кога трговецот би бил шејтан, тогаш тој, како и секој нормален шејтан, шејтански би се досетил да го сокрие својот шејтански изглед. Бидејќи тоа не го прави, туку сè повеќе наликува на шејта, тоа е доказ дека неговата природа не е шејатанска. Тâ, продолжувале тие, кога неговата природа би била шејтанска, тогаш шејтански би ја маскирал. Вака, прилегајќи на шејтан, може да се заклучи дека тој е невина, дури и наивна природа. Кој шејтан, додавале овие дуѓанџии, би дозволил да се насети, а камоли да се види неговиот шејтански лик? Сепак, првата група дуќанџии не останувала нема пред ваквите аргументи. Напротив, активно им реплицирала. Имено, тврделе првите дуќанџии, токму намерата на трговецот да не го сокрива својот шејтански изглед говори за неговиот шејтанлак. Не криејќи ги своите шејтански особини, продолжувале овие дуќанџии, трговецот сака да остави впечаток дека е наивен и дека во него нема ништо шејтанско. Но, токму оваа негова наивност (всушност, “наивност”) говори за неговата итрина - да не го сокрива она што секој нормален шејтан би го сокривал. Оттука, додавале, тој сака сите да ги заведе. А тоа е, се разбира, најголемиот шејтанлак, бидејќи шејтанското е во способноста да заведува, како и во умешноста шејтанското да го прикаже како нешејтанско, а нешејтанското како шејтанско. Значи, кај Шејтанот станува збор за двојна игра - да се прикрива, од една страна, и да не се прикрива, од дуга. Според тоа, заклучувале овие дуќании, трговецот не е кој било шејтан, туку тој е самиот Шејтан! Притоа, дуќанџиите го актуелизирале подзаборавеното прашање – што трговецот прави со парите. Едните сметале, како што веќе реков, дека раскусуреното го окрупнува; други тврделе дека окрупнетото го раскусурува. Се појавила трета група дуќанџии, која сметала дека тој не го прави ни едното, ни другото, туку дека докусурува сè што ќе му дојде до рака. Докусурувањето, сметале, не е ни раскусурување, ни окрупнување, туку претставува докусурување на сè и сешто. Четврти тврделе дека... Колку и да се разликувале во објаснувањата, во едно се согласувало – дека нешто макенско има во државата нивна! Но, да недолжам и да почнам да ја привршувам сказнава, за која и самиот не знам како завршила, ако воопшто завршила.



Се надевам дека сказната за кусурот, за кусур нема да ми ја земете, бидејќи мојата намера беше чесна. Само сакав да покажам како луѓето умеат од исти факти да изведуваат сосема различни заклучоци. Што е, можеби, израз на краен шејтанлак. Но јас, верувајте ми, во ништо веќе не сум сигурен. Јас, знаете, само сакав да кажам, но не и да излажам. Докажувањето, пак, го осатавам за некоја пригода.

Ваш искрено неискрен,
Шејтан Шејтановски“
                                   ***
Тоа беше таа страшна сказна, во која не се знае, исто како и сега, дали нешто се раскусурува, поткусурува или докусурува. Во таква ситуација, ни самиот не знам дали ќе направам мала пуза во пишувањево.

Љубомир Цуцуловски/

abvedit субота, 20. април 2019.
МАКЕДОНСКА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА


Оваа пионерска објава е издание на „Corpus Delicti Records“ и содржи податоци за 333 македонски групи и артисти од различни музички жанрови, повеќе од 400 фотографии и прецизни податоци за нивните снимки, изданија и концерти.

МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА не е само книга во која, налик на сличните објави во светот, е направен обид да се сублимира сето она што е изблик на младешкиот бунт и креативност во одреден временски период на еден даден простор. Во случајов од некаде таму раните 1960, па се до денешни дни. Од првите пребирања по гитарските жици во надеж да се симнат бит хитовите емитувани на тогаш омиленото Радио Луксембург како единствена лектира и се* до денес кога потем стигматизираниот рокенрол реално израсна во бастион пред атаците на турбоизираната свест, нуспродуктот на овдешното поимање на демократијата и разнебитувањето на било каквите вредности.
Затоа Енциклопедијата, чиј приредувач е Тошо Филиповски, за која некои ќе кажат дека е „капитално дело“, „историски потег“...бла, бла, бла... многу поумесно би било да ја толкуваме како вистински, неоходен „документ за младешката (суб)култура во Македонија на прекршувањето на вековите“.
Како сведоштво на ентузијазмот на генерациите израснати на градскиот асфалт. На нивниот презир кон постојното. На инаетот да бидат свои и да ја канализираат младешката енергија во плодотворни цели кои во многу нешта ги надраснуваат музичките рамки. Независно дали во фокусот биле бит музиката, рокенролот, џезот, блузот...панкот, хеви-метал баражите, хип-хопот, електрониката, ска и пост-панкот, регето, њу-вејвот, дарк звуците, експерименталните проблесоци...Дали притоа сето тоа било зачинето со нашето генетско ритмички неправилно пулсирање на крвта во жилите. Или можеби од силната, незгаслива потреба да се биде вистински свој. Поинаков. Оригинален во океанот на вкрстувања од познатото. Онаков, кон каков што несомнено тежнееле БИС-БЕЗ, ЛЕБ И СОЛ, ТРИАНГЛ, КОНКОРД, МИЗАР, АРХАНГЕЛ, ДЕН ЗА ДЕН, АНАСТАСИЈА, БАСТИОН, ЛАСТ ЕКПЕДИШН, ЧИСТА ОКОЛИНА, С.А.Ф ...ФОЛТИН, БЛА БЛА БЛА и БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА.
И за што несомнено сведочат носачите на звук што зад себе ги оставале, концертите и перформансите овде, по регионот и во светот, пожолтените страници на весниците, радиските и телевизиските записи кои во меѓувреме исчезнаа од видокругот на обичните конзументи гладни за поинаква понуда.





ЛЕБ И СОЛ
Ете, затоа тротомната книга која е плод исклучиво на ентузијазмот и инаетот на еден таков вљубеник, во случајов Филиповски, панкер по животна определба, наместо очекувано четиво полно со факти за раѓањето и растот на сцената, за оние кои сосема малку или многу, мноооогггггуууу повеќе оставиле трага на неа, се престорува во субверзивна книга која ќе биде трн во окото на оние од власта кои и не милуваат да ја делат „славата“ на локалново буниште со некои таму „отпадници“. Со оние којшто со гордост ги носеа привилегиите и лузните од еднопартискиот титоистички систем, распадот на некогаш заедничката држава, премрежињата од балканските војни и судири, неизживеаниот суров капитализам, глумењето „демократија“... Таквите кои и не се двоумат многу да ти ја плукнат вистината право во очи. Оти такво е нивното поимање на реалноста. Чесно, искрено и бескомпромисно. Рокенрол.





МИЗАР на ЈУРМ 1983 во клубот Лапидариј - Загреб, Хрватска
И, да се разбереме, како пионерски потег оваа урбана библија несомнено е дека ќе мора да ги прележи и детските болести. Во неа веројатно ќе има „неопростиви“ грешки, погрешни „години“, „заборавени“ бендови и поединци...и така во недоглед. Можеби ќе се фрла и со дрвја и со камења кон нејзиниот потписник кој имаше големи топки и исправен рбет да го истурка проектот кој живееше одамна како идеја, но кој не се обистини од мал милион причини. Што реални, што насетувани.
И сето тоа не држи вода оти МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА (веруваме) не е замислена како затворена книга. Напротив таа неминовно го бара честото проветрување, проверување на еднаш запишаното, наново визуелизирање... Нејзиното допишување не е само обврска на авторот, туку пред се и над се на генерациите кои со сета своја енергија допрва ќе ја имаат мисијата да го бранат урбаниот начин на живеење во срединава во која непрестајно завиваат трубите на турбо-телалите и нивната незгаслива потреба да си ја мерат самобендисаноста. И, глупоста – се разбира.





БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА
Конечно МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА е куршум испукан во срцевината на убедувањето дека сме тиква без корен. Таа повеќе од многу самонаречени дела е изблик за нашиот идентитет овде и сега и за нашата опстојба на оваа толку значајна и примамлива раскрсница на стрвниците. За нашето поимање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Книга – мост кој води до нашето обично јас. И, се разбира, до другите со иста или слична емоција и размисла. Планетарно.

abvedit петак, 19. април 2019.
Излезе од печат „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ на Александра Јуруковска.





Промоцијата  се одржa на 12 април (петок) во 20 часот во Младинскиот културен центар

Промотори на делото -проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Александар Прокопиев.
Александра Јуруковска е новинар и книжевен критичар. Родена е 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.
Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија: Радио Бус, Македонско Радио – Радио Скопје, Наша ТВ, Студент ФМ 92.9- радиото на УКИМ. Од 2016 е новинар и водител во ТВ АЛФА.
Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медиапан во Сараево.
Во 2017 и 2018 била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Истата година е гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното е-списание www.versopolis.com
Јуруковска е долгогодишен уредник на порталот www.cooltura.mk.
Нејзините новинарски текстови, критики, рецензии и есеи за литературата и театарот се објавувени во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија: „Синтези“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, „Современост“ како и на порталите: eckermann.org.rs, www.blesok.com, www.reper.net, www.balkani.eu, www.javno.com. Учестувала на повеќе научни конференции и дискусии од областа на културата и медиумите.
Од 2008-2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“.
Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови.

cooltura.mk

abvedit среда, 10. април 2019.
Македонско евангелие, кое се чува во градот Ремс, служело за крунисување на француските кралеви


Македонското евангелие е едно од најстарите постоечки писмени споменици на пергамент и сведоштво за македонскиот јазик, писмо и православните религиозни практики, кое според некои извори потекнува од XI век се чува во катедралата Нотр Дам во РЕМС источно од Париз.
Оваа книга, од поранешните римски провинции (денес дел од таканаречена Франција), сметана е за света книга, подарена од обожествениот македонски народ на своите браќа Македонци во таа област, поврзани илјадници години со културниот центар на светот – Македонија.

Низ долгата историја, Македонскиот народ дури од камениот период на Зета Македонија, ги пренесува најновите достигнувања во науката и писменоста од Македонија во таа област, како и низ Зета Македонија Европа и пошироко низ светот.
Обожествениот македонски народ како божји народ, својата посветеност на Бог ја докажува со пренесеното писмо и знаење православно, пристигнато директно од Господ, со македонското евангелие напишано со божјта словарница Кирилица (или македонското писмо ЦУТНО) и Глаголицата создадена од македонскиот обожествен просветител Св. Кирил, со што уште еднаш се потврдува светоста на евангелието. Во име на таа светост, пред оваа света книга се крунисувале и давале заклетва десетина кралеви, идентификувајќи се со македонскиот народ како богови на земјата. Тоа се од Луј VIII 1223 г., Хенри III како и неколку негови наследници вклучувајќи го и Луи XIV.
Евангелието се состои од 47 страници, од кои 16 се напишани на кирилица, а 31 на глаголица. Било богато украсена со злато, скапоцени камења и реликвии.

Кога во 1717 година рускиот цар Петар Велики го посетува Ремс, тој забележува дека во евангелието има и страници запишани со кирилична азбука и со неговиот разбирлив јазик македонскиот. Од тогаш престанува употребата на евангелието за крунисување на кралеви во таа поранешна Римска провинција денес наречена Франција.
Потеклото на евангелието е загадочно. Самите историски факти кои покажуваат дека словарниците кирилица и глаголица, нивниото потекло, темел и развој се наоѓаат длабоко во древениот македонски јазик, со писмени докази уште од пред 400.000 години (факти наведени од книгата Зета Македонија), како и фактот дека центарот на писменоста бил Охрид, можеме со сигурност да кажеме дека и самото евангелие потекнува од Македонија.
Според непотврдени извори, прв пат книгата била забележана во втората половина на 14.век, во времето на Шарл IV, кој ја подарил на тогаш основаниот манастир во Прага, каде литургијата се одржувала на македонски јазик, а црквата била посветена на светите Кирил и Методиј, Св. Војтех, Св. Прокопиј и Св. Јероним. Светиот Јероним познат како Св. Жером, бил црковен отец, филозоф и лингвист роден во Стридон, на граница помеѓу римските провинции на Далмација и Панонија, кој ги превел или транскрибирал житијата од древен македонски на, во тоа време, современ македонски јазик.
Трагата на Евангелието му се губи во Чешка во времето на Хуситските војни, кога манастирот бил изгорен во 1421 година а по некое време, некаде во 1451 г. се појавилo во Истанбул, каде се чувале и други книги од св. Јероним. Во 1574 г. евангелието било купено од Шарл, Кардинал на Лорен, од патријархот на Костантинопол, а потоа било донирано во Катедралата Ремс, каде бил вршен обредот на крунисување на француските кралеви. За време на француската револуција ракописот и вредните орнаменти на корицата исчезнале се до 1830 година. Од тогаш се јавуваат и првите анализи, а ракописот предизвикува голем интерес меѓу македонскиот народ во денес ново формирани држави. Всушност тие новоформирани народи се нарекуваат со терминот Словени. Терминот Словени е неупотреблив за одбележување на народ кој е македонски. (Подетална анализа прочитајте во делото „Зета Македонија”).
Една од причините зошто овој текст се користел за давање заклетва и крунисување на обичните луѓе Македонци, тоа е што потекнува од божјиот македонски народ, кој го користи божјиот македонски јазик и божјите македонски словарници, преку кои пристига господовата круна со која му се подарува божја земја-територија, да владее како обожествен Македонец и бог на земјата на Македонците од таа римска провинција.
Древномакедонскиот јазик, како и денешениот современ јазик е како ехо или одек на природата, со една мистично лингвистичка содржина, каде што таа е во хармонизација со формата на буквата. Нема ништо во природата, а кое што го нема во јазикот, писмото и формата на буквите. Древните две словарници (кирилица и латиница) со право може да се наречат МАКЕДОНСКИ ПИСМА НА ЦУТОТ, т.е. СЛОВА НА ПРОЛЕТТА, БИДЕЈЌИ СОНЧЕВИОТ ЗРАК Е ДУХ БОЖЈИ МАКЕДОН И КАКО ПРИЧИНА И ПОЧЕТНА ТОЧКА ПРИ ОФОРМУВАЊЕ НА СЛОВОТО ИМ ДАВА КАРАКТЕР НА ЦУТ ИЛИ НЕШТО ШТО дава ПЛОД, Т.Е ЗБОР. Светите кирилични букви (ЦУТНИ) претставуваат одек на природата.
Симбол на писмото, пролетта, поезијата, љубовта, цвеќињата и убавината, зачеток на живиот свет „ИС“. Симбол на науката, уметноста и македонската митологија. Симбол на Зета Македонија, македонска цивилизација и историја на светот. Симбол за континуитетот на македонската култура до денес
И поради облиците на буквите од глаголицата во која се отсликува една цела филозофија на разбирање на космосот и светот, која од неа прави повеќе кодиран систем, отколку обична азбука. Токму таа негова мистичност направила Евангелието oд Македонија, а чувано во Ремс да биде светата книга врз, која положувале рака идните владетели идентифукувајќи се со обожествените Македонци.
Икона на Св. Кирил на рачно изработена хартија од сликарот Марија Сотировска-Богдановска. Се чува во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Причините зошто се крунисуваат кралевите во Ремс, нивните потомци ги чувствуваат за огромен срамен чин. Тој срам, денес наречените Французи, како одродени Македонци, неможат да го издржат. Со сета сила се борат своите крунисани владетели во Ремс, да ги стават во заборав. Врв на бунтот против сопствените браќа, покрај другото е и уништување на кралските династии и прогласување на тие поранешни римски провинции за република Франција. Следбениците на крунисаните кралеви заедно со своите сојузници и сопствените непријатели, како одродени Македонци, ќе бидат најголемите противници и уништувачи на сопствениот корен и сопствената традиција на културниот и писмениот развој. Процесот на уништување на сопствениот македонски корен трае до денес.
Извор: Македонска Нација / Пишува: Бранко Сотировски

abvedit недеља, 7. април 2019.
Како систематски биле уништувани ракописите на македонски јазик низ вековите



Македонија континуирано се ограбува. За жал, тоа одамна не е вест, зашто не се случува само денес или вчера, туку со векови. Според д-р Илија Велев од Институтот за литература во Скопје, кој долги години го истражува македонското книжевно наследство низ вековите, огромен број наши скапоцени ракописни книги сега се во најрепрезентативните збирки на најугледните европски музеи, библиотеки и други културни институции.

За жал, досега не е покрената никаква иницијатива за евентуално нивно враќање во Македонија, како што направи, на пример, Србија, која успеа да врати дел од своето книжевно културно наследство однесено од земјата. Секако, благодарејќи на личните залагања на неколкумина македонски истражувачи, досега се регистрирани дел од нашите стари ракописи, заедно со земјите и институциите каде што се наоѓаат. Одреден број од нив како копии веќе ги имаме и во Македонија.

За д-р Велев, кој досега има објавено повеќе од 200 книги, студии и статии од областа на македонската книжевна историја, сепак, најбитно е да се обезбеди континуиран фонд за истражувачки проекти, преку кој ќе се овозможи комплетирање барем на фотокопии или електронски изданија на сите македонски стари ракописи расеани низ Европа. Паралелно со тоа, се разбира, би продолжила стручната обработка на сите стари ракописи или збирки на македонски ракописни книги, што е многу важно за македонската книжевна историја.

Од друга страна, ќе се комплетира досието за тоа како, кога и на кој начин од македонските манастири и скриптарници се крадени, носени, продавани и препродавани скапоцените ракописни книги со кои сега се гордеат голем број европски музеи, библиотеки и други врвни културни институции во странство.

И КОНЗУЛИТЕ ЈА ОГРАБУВАЛЕ МАКЕДОНИЈА?!

Така, во Музејот на Српската Православна Црква во Белград се чува ракописен Пентокостар од 1493 година. Овој ракопис, како што тврди д-р Ѓорѓи Поп Атанасов, еден од врвните македонски авторитети од областа на ракописното и книжевно наследство, во Србија е однесен директно од манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, Скопско. Со потекло од овој наш манастир е и Празничниот минеј, кој сега е во Народната библиотека во Софија.

Според она што досега е откриено и евидентирано, многу наши книги има и во Санкт-Петербургшката градска библиотека, потоа во библиотеката на Академијата на науките на Русија, во Државно-историскиот музеј во Москва, во народните библиотеки во Киев и во Одеса, потоа во Софиската народна библиотека, во библиотеката на Бугарската академија на науките и уметностите, во Народната библиотека во Пловдив, како и во Софискиот црковен музеј.

Наши исклучително вредни ракописни книги има и во Националната библиотека во Париз, во Ватиканската библиотека, во Виенската државна библиотека, во Народниот музеј во Прага, во Народната библиотека во Букурешт, во Романската патријаршија, во библиотеката на Јагелонскиот универзитет во Краков, но и во Атинската национална библиотека, како и во Британскиот музеј во Лондон и во уште десетина други институции на Балканот и во Европа, воопшто. Ова скапоцено богатство денес е гордост на оние што го имаат, но, се разбира, и обврска за Македонија да бара да и се врати она што ѝ припаѓало, и ѝ припаѓа. Впрочем, многу држави во светот си ги побараа, а дел од нив и ги добија назад културните богатства однесени од нивните земји за време на војните во минатиот век.

Престојувајќи во нашите манастири во 19-ти и 20-ти век, многумина истражувачи од оваа област, често без никаков надомест, изнесувале од Македонија цели товари стари книги, но и многу вредни икони. Така, Антон Миханович, кој бил австриски конзул во Солун, мошне често патувал низ Македонија и притоа успеал да собере исклучителни вредна ракописна колекција од нашите манастири. Тие триесет и осум наши ракописни книги, кои Миханович ги собрал служејќи се со дипломатија, но и со други средства, сега се во репрезентативната збирка од вакви ретки книги во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб.

Речиси истовремено со австрискиот конзул Миханович, низ Македонија шетал и собирал стари ракописни книги и рускиот научник Виктор Григорович. Тие примероци сега се во Државната библиотека во Москва, потоа во Народната библиотека „Максим Горки“ во Одеса, во библиотеката на Казанскиот универзитет, како и во Казанската духовна академија…

„НАУЧНИЦИ“ -ТРГОВЦИ

Континуираните грабежи всушност никогаш не престанале. Нашите најбогати македонски манастири биле систематски ограбувани со векови, почнувајќи од најразлични авантуристи, па преку специјалните одреди и „офицери“ за културно пљачкосување, до таканаречени истражувачи, но и домашни трговци и праматари, па дури и монаси кои за ситни пари продавале скапоцени книги и икони. Кон крајот на 18-ти век, токму по такви канали, многу македонски ракописи биле однесени во повеќе белградски институции.

На пример, од скопскиот манастир во селото Бањани биле однесени десеттина исклучително вредни ракописни книги. Тие ракописи денес се чуваат во Народната библиотека, во Српската академија на науките, во Музејот на СПЦ и други. Од овој манастир, на пример, потекнува ракописот „Октоих“, со 45 листа, кој датира од 15 век, а во Белград бил однесен во виорот на трагичната 1904 година.

Исто така, огромен ракописен фонд книги е однесен од Битолскиот, Прилепскиот и Демирхисарскиот регион, каде што „оперирале“ повеќемина странски „истражувачи“ и колекционери, како што биле Бугаринот Јордан Иванов, директорот на српската гимназија во Битола, Светозар Томиќ, српскиот владика во Битола, Јосиф Цвијовиќ и други. Со вакви активности подоцна се занимавале дури и некои офицери на српската војска за време на Првата светска војна.

Исто така, постои документ дека еден „сојузнички“ француски офицер зел од разурнатата црква во село Загоричани, Прилепско, едно ракописно евангелие од 16-ти век, и подоцна го предал на Националната библиотека во Париз, каде што се чува и денес. За жал, кога не може поинаку, тогаш Македонија е присутна во културна Европа барем преку украдените книги од нашите манастири! Овој пат благодарејќи на „културниот француски офицер“!

Друг ракопис однел друг офицер, овој пат руски. Ракописот е од манастирот во селото Градиште, Прилепско, каде што монахот Спиридон, во 1600 година, напишал обемен и многу вреден Минеј. Таа скапоцена книга денес се чува во Московската државна библиотека, во збирката на Севатјанов.

Грабежот на македонските манастири продолжил и во 19-ти век. Така, од манастирот во селото Орбеле, Дебарско, во 1873 година бил однесен таканаречениот Орбелски триод, пергаментен ракопис од 13 век.

„ПАЗАРОТ“ НА ПОП АВРАМ СО СРБИНОТ ВЕРКОВИЌ

Овој исклучително значаен ракопис, снаодливиот Стефан Верковиќ во 1891 година и го продал на Публичната библиотека во Санкт Петербург, каде што е и денес. Нема податоци колку пари добил за оваа трговија со македонски стари книги! Главен „агент на теренот“, кој му помагал во работата бил извесен Павле од село Баниште, но многу ракописи за ситни пари на Верковиќ му испорачал и поп Аврам од Орбеле. Зарем и попот?! Да. И поповите тргувале со македонското културно богатство. И тоа како!

Неколку пергаментни ракописи по потекло од дебарскиот крај, заминале и во Софиската народна библиотека. „Соработник“ на софиската „трговска врска“, меѓу другите, бил и Васил Икономов. Тој го „обезбедил“ скапоценото четвороевангелие од 13-ти век. Еден лист од оваа книга, според истражувањето на д-р Ѓорѓи Поп-Атанасов, кооперативниот Икономов во 1892 година испратил до Министерството за просвета во Софија.

Еден ракописен пергаментен октоих од 14-ти век од дебарскиот крај, на Софиската народна библиотека во 1887 година ѝ подарил – што значи дека работел од љубов, а не за пари – Петар Сарафов, татко на македонскиот револуционер Борис Сарафов. Тој скапоцен пергамент, Сарафов го добил од познатиот „трговец со старини“ Стефан Верковиќ, кој бил мошне активен „истражувач“ на македонскиот терен.

Така, во 1853 година, одвоил време да го посети, меѓу другите, и манастирот во Зрзе, но, како што вели самиот, во него нашол само една вредна книга. Пред него „работата“ веројатно ја завршил битолскиот професор Лазар Дума, кој ги собрал сите вредни ракописи од Трескавец, Слепче и Зрзе за потребите на Српското научно друштво од Белград!

Во меѓувреме, како што вели д-р Илија Велев, на другиот крај од Македонија, во манастирот Карпино, работеле некои други „трговци“ со стари ракописи, книги, икони и слично. Во Државниот историски музеј во Москва, во збирката на Хлудов, се чува пергаментен ракопис од Карпинскиот манастир, познат како Карпинско евенгелие и Карпински апостол. „Транспортот“ на овој скапоцен примерок го извршил Александар Гилфердинг, кој во 1868 година престојувал во Карпинскиот манастир.

Од истиот манастир потекнува и пергаментниот ракопис „Посен триод“, од 14-ти век, кој содржи 250 листа. Податоци за тоа дава М. Карлова, која во овој манастир била заедно со Гилфердинг. Ракописи од овој манастир има и во Софија, а ниту еден ракопис денес нема во Македонија. Огромен список ракописни книги се однесени и од Лесновскиот манастир. Според истражувањето на д-р Велев, денес најголем дел од нив се наоѓаат во најрепрезентивните оддели на врвните културни и научни институции во Загреб, Москва, Белград, Санкт Петерсбург и други. Се разбира, скрипториумот на Лесновскиот манастир се бавел и со „бизнис“, продавајќи одделни ракописи на други цркви и манастири во Македонија, и во странство, но тоа е друга тема. И тоа не се книгите што биле однесени без пари.

АМАЈЛИИТЕ ОД МАНАСТИРОТ МАТЕЈЧЕ

Интересна е и судбината на манастирот „Света Богородица“ во Матејче, кој доживеа тешки денови за време на војната во 2001-та година, кога албанските терористи, како што констатираа експертите за реставрација и конзервација, им ги ископале дури и очите на светците од фреските. Според податоци зачувани во записите на патеписците, манастирот во Матејче имал една од најбогатите, ако не и најбогата библиотека меѓу македонските манастири.

Постојат сведоштва дека во овој наш манастир се чувале полни ковчези со книги, кои биле разграбени од странски авантуристи, но и од месното муслиманско население. Извесно е дека книжевното богатство од Матејче било однесено далеку од Македонија, но познато е дека голем дел од пергаментните ракописи ги разнеле и локалните муслимани, кои ги чувале во своите домови како амајлии.

Жители од тој крај велат дека и ден денес можат да се најдат вакви пергаменти листови во некои од постарите локални албански семејства. Се разбира, тие не се чуваат како скапоцена културна вредност, туку како амајлии што ги штитат од неволји?! Доколку навистина е така, тогаш токму поради тие реликвии, локалните Албанци требаше да не дозволат сквернавење на манастирот во Матејче, кој албанските терористи во 2001-та го претворија во воен штаб. Грозотиите што ги правеа во манастирот, овој пат не ги спомнуваме.

Инаку, во овој многу значаен македонски манастир, во 1885 година, при расчистувањето на кулата во дворот на манастирот, биле пронајдени два ракописа: едниот пишуван на пергамент, а другиот на хартија. Двата ракописи биле однесени во Народната библиотека во Белград. За грабежите на Матејче информира и Јордан Хаџи Константинов-Џинот, тврдејќи дека во 1848 година, кога тој го посетил манастирот, таму имало „десет товари словенски ракописи, кои следните неколку години биле уништени од Арнаути“.

Можеби не како Матејче, но огромно книжевно-ракописно богатство поседувал и манастирот „Свети Јоаким Осоговски“. Меѓу скапоцените ракописи од овој манастир е и Празничниот минеј од 13-ти век, кој сега е во Софиската народна библиотека. Во ракописот е сочувана најстарата служба на Свети Јоаким Осоговски и едно оригинално поетско дело на Свети Климент Охридски. Ракописот има 114 листа, пишуван е на пергамент.

Кога Димитриј Маринов го посетил манастирот некаде околу 1890 година, во манастирската библиотека веќе немало ниту еден ракопис. Тој открива дека бил сведок само на тоа дека при расчистувањето на теренот за изградба на конак, била откриена голема фурна полна со изгорени книги од кожа. Кога се случило тоа и кој го изгорел тоа скапоцено богатство, за жал нема никакви податоци и сведоштва. Заедно со „Свети Јоаким Осоговски“, меѓу најзначајните македонски книжени центри во средниот век, но и подоцна, бил и манастирот во Трескавец.

Во шеесеттите години на 18-ти век, во овој манастир престојувал рускиот фолклорист Александар Гилфердинг, кој во тоа време бил конзул во Сараево. Тој од овој македонски манастир зел повеќе ракописи, меѓу кои и Трескавечкиот поменик од 17-ти век. Овој ракопис е однесен во Санкт-Петербургшката публична библиотека, каде што се чува и денес. Во 1865 година, рускиот истражувач Антонин Капустин нашол во Трескавец само 15 ракописи, а триесет години подоцна имало само 11 словенски ракописи. Постојат податоци дека многу ракописи од библиотеката во Трескавец однел велешанецот Ј.Х.Џинот, кој им ги испраќал на разни институции во Србија. За ситна пара, се разбира.

Згора на тоа голем дел од најстарите ракописи, повеќето пишувани на пергамент, биле изгорени по наредба на некојси владика Герасим. Тоа се случило во 1863 година, а владиката бил Грк. Две седмици манастирската фурна била потпалувана со стари пергаментни ракописи! Чадот со денови го покривал Златоврв и Маркови кули. Преостанатите стари ракописни книги, меѓу кои имало и богомилски текстови, епитропот Мојсо Пазов и игуменот поп Никола ги зеле од манастирот и си ги однеле дома.

Каде завршиле тие скапоцени богомилски ракописни книги, не е познато. Доколку еден ден се случи чуди и бидат откриени, можеби дополнително ќе разјаснат и некои многу битни факти за богомилското движење во Македонија. Можно ли е да се пронајдат во темелите на старите куќи на семејствата на Пазови и на поп Никола во Прилеп?

ГОЛЕМИТЕ РАСПРОДАЖБИ НА Ј. Х. ЏИНОТ

За наша среќа, голем дел од однесените ракописи нашите експерти од оваа област уредно ги имаат регистрирано, а од некои од ракописите имаат обезбедено дури и копии. Сепак, нашето културно богатство и натаму е во туѓи трезори. Така, над 130 ракописни книги денес се наоѓаат во Народната библиотека во Санкт Петерсбург, а 55 се во државниот Историски музеј во Москва. Исто така, во Руската академија на науките во Петроград има и скапоцена збирка од 84 ракописни книги донесени во Русија од македонските манастири.

Мошне вредна збирка од шест ракописни книги има во Јегелонската библиотека во Краков. Нив таму ги однел во 1863 година Рудолф Гутовски, кој како лекар престојувал во Македонија. Ако научниците-слависти од Русија во својата мисија за откривање стари словенски ракописи се служеле со таканаречени научни аргументи во полза на панславизмот, тогаш лекарот Гутовски книгите мора да ги добивал како противуслуга за неговите лекарски третмани. Еден преглед – една скапоцена книга!

Додуша, во нашите манастири имало и такви монаси кои и за ситни парички продавале скапоцени книги, чија вистинска вредност, всушност, не може да се утврди. Дури и еден Јордан Хаџи Константинов-Џинот продавал стари ракописи во Белград. Во списи од тоа време, еден патеписец кој патувал низ Македонија има забележано дека некои монаси од охридскиот манастир Света Богородица Перивлепта за две врчви вино ги продале дури и моштите на Свети Климент?!

За време на Балканските и Првата светска војна од Македонија се однесени огромен број исклучително значајни и вредни ракописни книги. Тој број во 1920 година, според тогашната евиденција, изнесувал 964, а три година подоцна во Софија веќе биле однесени ни повеќе, ни помалку туку дури 1090 стари македонски ракописи. Од друга страна, во Белград, во Народната библиотека, била однесена, и до денес е таму, комплетната збирка од 30 ракописни книги од Лесновскиот манастир, која наводно била „однесена“ само на чување, со обврска по завршување на војната збирката да биде вратена во Македонија.

Се разбира, со истото образложение скапоцени ракописни книги се однесени и во Бугарија, и тие никогаш не се вратени во нашата земја. Така, во документите за грабежите на македонските манастири и цркви за време на Првата светска војна, стои запишано дека во Народниот музеј во Софија на „чување“ биле однесени, меѓу другото, плаштеницата на Андроник Палеолог, Златната митра на Свети Климент со бесценети камчиња и крвче, неговиот жезол, пронајден 1911 година на Плаошник, каде што Свети Климент бил погребан, потоа царските двери и бронзениот полилеј. Од друга страна, во Белград во тоа време се однесени многу ракописни книги од манастирот „Свети Прохор Пчињски“, потоа од манастирите во Лешок, Крива Паланка, Куманово и многу други.

Се разбира, списокот на однесени скапоцени културни вредности, ракописни книги и предмети од Македонија е многу подолг од она што овде е спомнато. Притоа, воопшто не ги спомнавме археолошките предмети, пари, накит и други вредности, кои дивите копачи со години ги продаваат на трговците што се занимаваат со ваков бизнис. Во државата, за жал, се уште нема ни приближна проценка што е однесено од нашите археолошки локалитети, како што нема ниту став околу тоа како и кога би можело да се покрене прашањето за враќање на барем дел од нашето културно наследство однесено од земјата на разни начини и по разни патишта. Некои други земји тоа веќе го направија, а некои од нив веќе успеаја дури и да си вратат дел од своето ограбено културно и национално богатство. Може ли и Македонија конечно да направи некаков обид во таа насока?




МАРКОВ МАНАСТИР
КОЈ ГИ ИЗГОРЕЛ ДЕСЕТТЕ ТОВАРИ КНИГИ?

Значајно сведоштво за континуираниот грабеж на македонското книжевно богатство, меѓудругите, оставил и познатиот македонски преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Тој бил јеромонах во Марковиот манастир крај Скопје, каде што бил и игумен од 1801-та до 1818-та година. Во тоа време формирал училиште за описменување, но и богата манастирска библиотека, носејќи ракописи од повеќе македонски центри. Истовремено, се разбира, пишувал и свои оригинални, но и компилаторски дела.

За жал, во 1818-та година овој истакнат македонски преродбеник од почетокот на 19-ти век бил принуден да го напушти манастирот, затоа што грчкиот владика не можел да се помири со неговата словенска просветителска дејност, па го наклеветил кај злогласниот Али-бег. Дознавајќи за тоа навреме, игуменот Пејчиновиќ тајно го напуштил манастирот со десеттина товари највредни книги и икони. Со карванот со скапоцениот товар тргнал кон родното Теарце, но стигнал во Лешок, обновувајќи го за многу кусо време разурнатиот Лешочки манастир. За жал, по неговото заминување од Марков манастир, таму дошол за игумен Влав, Грк по душа и образование, кој, како што вели Пејчиновиќ, со сатанистичко уживање изгорел повеќе од 10 товари ракописни книги што останале во манастирот!

Пред 150 години нашиот преродбеник Јордан Хаџи Констатинов-Џинот има запишано дека „во некои наши манастири во средината на осумнаесетти век имало дури и по триесет товари ракописни книги“. На пример, во манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, скопско, според статија на Џинот објавена во цариградски весник од 1855 година, имало дури 30 товари ракописни книги, од кои повеќето биле пишувани на пергамент. Во тој манастир имало и книги пишувани на кожа. Само од овој манастир во странските трезори се однесени голем број скапоцени книги.

Блаже МИНЕВСКИ

Текстот е објавен на 13 јануари 2006-та во неделникот „Фокус“ број 550

abvedit четвртак, 4. април 2019.
Ребека Вест, писателка која ги сакаше Македонците: дебарската шамија е ремек дело!

„Кон масата пријде млада жена со тркалезно лице, речиси затапено од добрина. На главата носеше дебарска шамија, која за мене претставува еден од најубавите делови од гардеробата во светот“.


Непоткупливата новинарка, писателка, публицист, учесничка во жестоките полемики на своето време, патописец, мајката на бунтовниот критичар Ентони Вест, денес е се повеќе актуелна меѓу нејзините Англичани.

И три децении по нејзината смрт сите нејзини мисли и идеи кои беа осудувани сега се прифатливи, но само една и понатаму е екстремно екстравагантна – нејзината страст кон Балканот. Токму поради таа нејзина „ирационална“ љубов, оваа писателка беше долго време запоставена. Дури во 2000-та година беше објавена нејзината книга со писма. Во 1930-те години Ребека Вест известувала од Југославија која страсно ја пропатувала од Триглав до Гевгелија, и од тие остри и топли белешки настанува нејзината позната книга „Црно јагне и сив сокол“. Не е никакво чудо што Ребека Вест со своето орловско око и сензибилитет го сфатила Балканот, ја опишала неговата историја и ги претчувствувала кризите како ниту еден од странските критичари.




Во текстот кој следува, селективно ги објавуваме нејзините писма кои се однесуваат за Македонија.


Додека набрзина излегувавме од станицата се однесував како професионален водич, покажувајќи со раката на целото она богатство кое во темнината лежеше пред нас. Станицата се наоѓа во новиот дел на Скопје, на крајот на главната улица која наликува на второкласен трговски центар во некој англиски индустриски град, ако не го сметаме слабото осветлување, калдрмата и отсуството на автомобили. Но зад станицата се простира висорамнина која е налик на атлас со големо А, го придржува небото, мермерното небо од отсјајот на месечината низ облаците. Околу нас се ширеше топол воздух и мирис на јоргован, звуци на музика и пеење кое допираше од малите кафеани скриени во споредните улици и дворови. Еден настан внесе во градот ритам и возбуда. Буката на малите фијакери со два коња одѕвонуваше на калдрмата, чукаа и петиците на чевлите на луѓето кои итаа во истата насока.


– Погледнете, сите тие одат во црква на велигденска служба, рече Константин.


Излеговме од нашиот фијакер и им се придруживме одејќи полека по една споредна улица се додека не се најдовме пред црквата која не личеше ниту на црква, ниту на циркус, туку на една украсена двокатна селска зграда. Необично делуваше дури и одвнатре. Изградена пред 100-на години кога султаните покажувале одредена толерантност кон христијаните дозволувајќи им да градат цркви, иако таквата дозвола не вредела многу доколку не бил подмитен локалниот паша. Во ова чудно здание, сега потполно потонато во мрак, стоеја мноштво луѓе кои чекаа со незапалени свеќи во рацете. Оној параван пред олтарот, иконостасот, како архитектоснки карактеристичен елемент на источните цркви, овде беше висок ѕид со крст на врвот, тврдина која го бранеше постојаното загрозување на светата тајна. Кон масата пријде млада жена со тркалезно лице, речиси затапено од добрина. На главата носеше дебарска шамија, која за мене претставува еден од најубавите делови од гардеробата во светот. Тоа е шамија од фино сукно, изшарана со неколку силни црвени бои или розови везени кругови меѓу кои, како да требал да биде скриен од очите на јавноста, стои извезен крст во зелена или виолетова боја. Секоја жена ја врзува таа шамија во согласност со својата визија, но таа секогаш е ремек дело – вознес на една прогонета, но сепак величенствена религија.


Колоната свештеници речиси истовремено излезе низ вратата на иконостасот, се слушна благо шепотење на црковни песни кои ги пееја луѓе чија вера не бараше целибат од своите свештеници ниту пацифизам од своите верници, а свеќите се палеа од рака до рака се додека целата црква не стана едно пламено поле на нежни гороцвети.


…Оваа жена страдаше повеќе од другите човечки суштества. И таа, и нејзините претци. Еден добар познавач на оваа земја рекол дека секој човек кој е овде роден пред Големата војна, а и оние кои се родени подоцна, барем еднаш во животот се соочиле со насилна смрт. Оваа жена морала да биде родена при крајот на распаѓањето на турската управа, тогаш кога буните биле заменети со масакри и кога владел општествен хаос. Ако нејзиното село не било срамнето со земја, таа сигурно слушнала за многу такви на кои тоа им се случило и никогаш никој не и гарантирал дека тоа нема да се случи и со нејзиното село. Во нејзиното зрело доба на Балканот се воделе војни, вклучувајќи ја и Светската, а во меѓувреме таму коселе и колерата, и епидемијата на тифус. Подоцна, на ред доаѓа ВМРО и постојано се живеело на работ на крајната беда. Се имало далеку помалку отколку што било која жена од Западот можела да замисли – и личен имот, и безбедност, и помош при породување. Но, македонската жена имала две работи на кои можеле да и позавиди било која жена од Западот – сила, огромната камена сила на Македонија. Од таков сој на кој ништо не му можел ниту еден куршум освен оној испукан во срце, била во состојба да преживее планински зими, да надживее маларија и куга, да дочека длабока старост со сув леб и толчена сол. Во нејзината немаштија, како во длабочина на некоја карпа, биле собрани последните капки на византиската традиција.


(продолжува)

Оригиналот тука


превод на писма- Ј.Кантарџиева

abvedit
Seo Services