Алек Попов, мајсторот на иронијата, е добитник на наградата „Прозарт“ на фестивалот „Про-За Балкан“



Бугарскиот писател Алек Попов е годинашен добитник на наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот – „Прозарт“. Авторот на хит-романите „Мисија Лондон“, „Црната кутија“, „Сестри Палавееви“ ќе биде гостин на 7. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, кој ќе се одржи од 19 до 22 мај. Признанието ќе му биде врачено на 21 мај во Даут-пашиниот амам во Скопје.
Веќе неколку години фестивалот „Про-За Балкан“ на едно место собира одбрано друштво на писатели. Задоволството да сретнете талентирани колеги по перо од различни краеви на Балканот е големо. Со некои од нив се знаете, други првпат ги откривате. Секој е во нешто уникатен, но секој носи и честичка од карневалскиот балкански дух, кој ни помага да ги разбереме нештата кои другите потешко ги разбираат, а некои дури и не се обидуваат да ги разберат. Способноста да се смееш на своја сметка и да работиш со материјата на апсурдот, која провејува низ целото наше суштествување, вклучително и во историјата, е во сржта на елементите на тој дух. Исклучително сум среќен што постои таков форум, каде што Балканот не е само егзотичен гостин и каде што големиот разговор за уметноста поминува низ оригиналниот, жив и разнообразен свет на балканската проза. Знам дека тука ќе бидам разбран и ќе се чувствувам како да сум дома – изјавува Попов за македонската јавност.
Чест ни е што наградата „Прозарт“ годинава му ја доделуваме на еден од најисклучителните раскажувачи во современата литература на Балканот, се вели во одлуката на Одборот со кој претседава писателот Ермис Лафазановски.
Неговото изразено чувство за хумор, иронијата во која се преплетуваат префинетиот и народниот дух и извонредниот осет за фабула најприродно се надоврзуваат на еден претходен голем автор во бугарската литература, Алеко Константинов, творецот на „Бај Гањо“. Таа сплотеност на хуморот и интелектот во Алек Попов има најубедлив претставник во современата бугарска книжевност – се вели во образложението.
Алек Попов (роден во Софија, 1966 год.) е и одличен автор на куси раскажувачки форми, неговите раскази од збирките „Мрсни сништа“ и „Ниво за напреднати“ се влезени во многу национални и меѓународни антологии на раскази. Попов е и драматург и есеист. На нашата публика ѝ е познат и како косценарист на популарната ТВ-серија „Преспав“. Неговиот прв роман, кој доживеа огромен успех, комичната сатира „Мисија Лондон“, се базира на неговото искуство како аташе за култура на Бугарија во Лондон и е преведен на 16 јазици. Романот на македонски го издаде редакцијата „Детска радост“ во превод на Александар Прокопиев. Според книгата бугарскиот режисер Димитар Митовски сними филм во 2010 година кој стана најпопуларниот бугарски филм во поновата кинематографија, за кој „Вараети“ напиша дека е „феномен“. Во 2011 година филмот во кој нашиот Огнен Антов беше копродуцент ја доби наградата „Unbribable Award” на програмата на „Транспаренси интернешенл“ на Филмскиот фестивал во Мотовун, Хрватска.
Вториот роман на Попов – „Црната кутија“ исто така е добитник на награди. Во 2007 година ја доби наградата „Елијас Канети“. Досега е објавуван на шест јазици, вклучително и на англиски. Изданието на германски јазик е бестселер, исто како и оригиналот на бугарски. Третиот роман е „Сестрите Палавееви: во бурата на историјата“. Во 2013 година ја доби наградата „Хеликон“ за најдобра прозна книга, а е преведен на германски и на српски јазик. Вториот дел од овој роман е објавен во 2017 година. „Сестрите Палавееви“ наскоро ќе излезе од печат во издание на „Прозарт медиа“.
Попов е добитник на многу литературни награди, меѓу кои: наградата „Хеликон“ за најдобра прозна книга на годината во 2002 и во 2013 година, Чудмировата награда за сатирична фантастика, наградата „The Reading Man Prize“, националната награда „Иван Радоев“ за драма, награда за современ бугарски роман на Фондацијата „Елизабета Костова“ и „Питер Овен паблишерс“.
Во 2012 година Алек Попов е избран за дописен член на Бугарската академија на науките во областа на уметноста.

Нема коментара

Seo Services