ПРИЛЕПЧАНИ ВО ЗОГРАФСКИТЕ ПОМЕНИЦИ



Зографскиот словенски манастир е еден од 23-те поголеми Светогорски манастири, кои се наоѓаат на Атонскиот полуостров. Полуостровот е наречен Атонски заради името на планината Атос, чија надморска височина изнесува преку 2000 метри и личи на пирамида. Во летните месеци, планината редовно е покриена со магла, а во другиот период од годината со снег.


Света Гора, како манастирска заедница, формално била основана во 963 година, кога монахот Атанасиј го основал манастирот Голема Лавра, најголемиот и најзначајниот манастир до ден денес. Манастирот бил заштитен од византискиот император во текот на следните векови. Четвртата крстоносна војна во XII век донела нови, римокатолички владетели, кои ги присилиле монасите да бараат заштита од папата Инокентиј III до обновувањето на Византија. Исто така, каталонски платеници во XIV век вршеле кражби на Света Гора.


За православните христијани, во почитувањето на поголемите религиозни објекти, веднаш по Христовиот гроб во Ерусалим, доаѓа Света Гора Атонска. На Света Гора сите православни народи имаат по некој манастир. Света Гора Атонска се управува најдемократски, од Општина, чие седиште е во Кареја со 23 члена, а преку извршно тело, кое се вика Совет на старци од 5 члена, кои се менуваат подеднакво од секој голем манастир.


Манастирот „Свети Георгиј Зограф“ е словенски манастир, коj се наоѓа во северозападниот дел на Автономната монашка држава Света Гора, на полуостровот Халкидики, Егејска Македонија, Грција. Истиот e на 9-то место во хиерархијата на манастири во монашката држава и е еден од трите словенски манастири во Света Гора. Според манастирската легенда, запишана во „Сводна грамота“, бил основан во IX или X век од тројца браќа од Охрид – Моjсеj, Арон и Јован Селима. Наjстарите зачувани документи, кои се сведоштво за постоењето на монашкото братство, се од 980 година. Денес има скоро 40 монаси.


Браќата-основачи на манастирот се родени браќа на првиот словено-македонски цар Самоил. Неговите браќа го подигнале манастирот најверојатно во почетокот на Х век. Зографскиот манастир монументално се издига меѓу атонските кипарисови дафинови и маслинови дрва. Неговите белокамени зданија, остро ги параат облаците на беломорските крајбрежја и хоризонтално се шират кон светогорските шуми. Името на манастирот доаѓа по самонацртаната икона на Свети Георгиј – Зограф.


Во Зографскиот манастир до 1942 година, пронајдени се три поменици. Првиот е „Царски поменик“, во кој, покрај другите цареви, се спомнуваат и словено-македонските цареви Самуил, Давид, Гаврил и Радомир. Помениците за науката имаат големо значење, зашто даваат драгоцени историско-културни податоци за црковната и националната историја, за економското и културното ниво на објектот, како и редица други етнографски и статистички податоци. За нас, од интерес е вториот, „Општ поменик“, како и третиот, „Епархиски поменик“, меѓу 1600 манастирски ракописи.


Вториот, „Општ поменик“ го опфаќа периодот на помениците од 1527 до 1728 година, период од речиси два века. Во него се запишани имињата на поклониците и дарителите и од Пелагонија (во оригиналот: Пефлагонија). Покрај градот Прилеп, во него се спомнуваат речиси сите градови во Македонија, како и некои села и манастири. Интересно е што градот Дојран е спомнат по стариот назив – Полјанин.


Во тој поменик, во 1666 година, од Прилеп има запишано 19 лица, меѓу кои и свештеникот Јован, како и четворицата еромонаси: Дамјан, Захариј, Маноил и Исаиј, а пет лица се запишани во 1705 година. Во 1705 година запишан е архиерејот Јосиф од Зрзескиот манастир „Свето Преображение“. Истата година од селото Беловодица запишани се девет лица, меѓу кои и еден аџија, а од селото Тројаци еден мирјанин и еден свештеник Неделко.


Овој поменик е пишуван со црна боја, а само големите букви и иницијалите се пишувани со црвена боја на тетратка од 21 лист, големина 27,5 х 19 см. Тетратката била најдена на таванот на соборната манастирска црква. Во 1706 година поменикот бил препишан со краснопис и во него било продолжено запишувањето до 1728 година. Запишувани се и имињата на монахињите, кои не можеле да бидат поклоници на Света Гора. Запишувањето било извршувано од манастирските ученици и искушеници при собирањето прилози за манастирот. Спомнатиот архиереј Јосиф од Зрзескиот манастир бил Пелагониски митрополит од 1714-1746 година, со извесни прекини. Последната година бил избран за Охридски архиепископ. Но, според тврдењето на Иван Снегаров, „не се знае точно дали бил Пелагониски или нему потчинет Прилепски епископ“.


Третиот поменик е епархиски, распореден со списоци на приложници од повеќе епархии и има 272 страници. Најден е сочуван во олтарот на Соборната црква во Зограф. Поменикот претставува важен документ за историјата на манастирот. Листовите на поменикот се од голем формат и пишувани со црно и црвено мастило од непознати автори. Се чува во ракописната збирка на манастирот, која покојниот прота Борис Талески од Прилеп, при своето поклоничко патување на Света Гора во 1938 година, имал можност лично да ја види, проучи и обработи.


Новиот препис на Поменикот е од 1792 година, според воведот преку текстот. Во списокот се наброени 18 епархии, како и Солунската митрополија. Прилеп е сместен во Прилепската епархија, на страниците 142 и 147. Страниците се поделени на четири колони, а годините не одат под ред и, најверојатно, тие се измешани при препишувањето. Во 1813 година Битола е сместена во Прилепската епархија. . Овој Поменик е наречен „парусиски“, а секоја страница започнува со зборовите „ Еште молимсја о оставлении грехов“. До 85-от лист се најдуваат општи белешки и спомнување на браќата: архиепископи, игумени, еромонаси и монаси. Бројките на листовите се пишувани со словенски букви, а годините со арапски. Во Поменикот, Прилепската епархија почнува со 1774, а завршува со 1886 година. Во 1774 година се спомнува и еден свештеник. Во 1778 година, покрај другите дарители, се спомнуваат и петмина свештеници. Во 1793 година се спомнува архиерејот Арсениј. Тој е сигурно бившиот Охридски архиепископ, кој по симнувањето од архиепископскиот трон во јануари 1767 година, шест месеци бил проедар (поранешен архиепископ) Пелагониски, за кое време е испратен на епитимија во Зографска келија. Во 1793 година или бил на поклонение во Зограф, или е упокоен, зашто не се знае годината на неговата смрт. Истата година во Поменикот фигурираат четири свештеника и еден еромонах. И во годините 1799, 1801, 1805, 1809, 1812 и 1816 фигурираат повеќе свештеници, еромонаси, како и двајца аџии. Судејќи според последниве лица, поклониците на овој манастир повеќе биле возрасни луѓе. Други професии не се забележани.


Интересно е дека во неколку епархии се спомнува Варош, и тоа надвор од прилепската епархија. Дали е направена грешка или се однесува на други населби со тоа име, не се знае. Други места, села или манастири не се спомнуваат. Имињата на дародавците се внесувани во неколку форми: или во номинатив, или во вокатив, или во акузатив, зависно од употребата и навиката. Аџиите се пишуваат како поклоници, а свештениците како ереи. По завршувањето со имињата на листот додадено е: „Родителем и чадом их“, што значи дека се пишувани и директните дародавци.


И во овој Поменик се јавува Полјанската епархија, наместо Дојранска, како и во општиот поменик. Пелагонсиката епархија воопшто не се спомнува во Поменикот.


Третиот Зографски поменик е проучен и публикуван од бугарскиот црковен публицист Михаил Ковачев во книгата „Зограф – иследување и документи“, Софија, 1942 година.


На крајот, како куриозитет, да спомниме дека во Светогорските манастири не е дозволено да одат на поклонение жени, поради заветот на безбрачност на монасите и поради патронатот на Пресвета Богородица над Света Гора. Но, во еден црковен минеј од 1793 година, сочуван е портрет на непознат сликар на едно прилепско семејство, кое било на поклонение во Иверскиот (Грузиски) манастир во Света Гора, меѓу кои има и една жена по име Рада. Истиот портрет е репродуциран во меморијалниот весник „Прилеп пред 100 години“, печатен во Софија во 1938 година. Обработувајќи го овој портрет, прота Борис забележал дека тој е направен во прилепско, а не на Света Гора, или, пак, женското лице дошло до пристаништето Дафне во Света Гора и не отишло на поклонение до манастирот.


Манастирот „Свети великомаченик Георгиј – Зограф“ во Света Гора, во својот двор, покрај соборниот храм, има и 9 параклиси, а надвор од манастирот и 12 скитови (капели).


Протоереј Златко Ангелески

abvedit петак, 13. септембар 2019.
Денис Бојаров-група: Размена на книги и книжевни муабети


Мојот избор за македонски автор во месец септември е Живко Грозданоски - Последното име на иднината. 

Провокативен наслов со необична приказна која опфаќа цела генерација на едно семејство. Едниот дел од приказната е за корумпираното општество во Босна, каде што еден градежен инженер од Германија добива меѓународен проект за изградба на тунел во Босна. Притисоците за корупција доаѓаат од сите страни, а инженерот Јоха не планира да подлегне, па дури и кога се работи за неговиот шеф, главниот надзорник. Во другиот дел е опфатен личниот живот на инженерот Јоха, кој зад себе ја остава неговата сопруга Ирис, која го чека во Германија. Дејството започнува од детските години на Јоха, во доцните шеесетти години на минатиот век, а трае сè до иднината. Една преубава слика за животот и професијата на еден градежен инженер отсликана преку богатото раскажувачко перо на овој македонски писател. Многу ми е драго што откривам сè поголем број квалитетни македонски автори, меѓу кои во мојот список влегува и Живко Грозданоски. Ќе ви пуштам еден цитат што ја отсликува љубовта меѓу Јоха и Ирис, љубов што опстојува цел живот и во различни и необични форми, без разлика што тие долго време живеат во различни држави. Мене цитатот многу ми се допадна, особено затоа што тоа е момент кога Јоха и Ирис за првпат се гледаат по долго време. Книгата ви ја препорачувам за да можете да уживате и вие во неа.


,,Јоха ја гушна, и се почувствува како да влегол дома. Небаре Ирис, на само нејзе својствен начин, ги беше оставила во Јена клучевите од нивната куќа на Ема Хајнц, а сепак со себе го понела сето она што за Јоха беше дом."



facebook.com/groups/

abvedit уторак, 10. септембар 2019.
ЈАНА, првата македонска јутјуберка, го скрши мразот



ЈАНА е првата македонска јутјуберка која го скрши мразот и започна да ги снима на македонски јазик своите авантури за целиот свет.
Станува збор за најновиот анимиран филм за деца ЈАНА во кој девојчето Јана раскажува за своите необични авантури во Волшебната книжарница, ги носи своите најмлади гледачи во волшебниот свет на книгите и им ја развива љубовта кон читањето.


„Здраво, другарчиња! Јас сум Јана! Претплатете се на мојот јутјуб-канал. Бесплатно е! :) Гледајте ги моите видеа, читајте ги моите сликовници и бидете дел од моите неверојатни авантури во Волшебната книжарница“, стои на најновиот јутјуб-канал.



Веднаш по објавувањето на првата епизода се редат неверојатен број прегледи, а поддршка на новата јутјуберка дадоа и нашите најголеми јутјуб-ѕвезди, GP и STEFFONATOR. „Конечно македонска јутјуберка! Мразот е скршен! Браво за Просветно дело за овој прекрасен проект за деца“, изјавија јутјуберите.


Од издавачката куќа Просветно дело, која го лансираше овој најнов проект, изјавија: „Се обидуваме да понудиме најнови решенија за најмладите кои ќе претставуваат мотивација и поттик за читање. Оттука, ја создадовме јутјуберката Јана која ги снима своите авантури на својот јутјуб-канал и ги прераскажува во своите книги така што најмладите ќе можат и да ги гледаат нејзините епизоди и да ги читаат нејзините книги.“


faktor.mk

abvedit
Родната куќа на Стале Попов, с. Мелница,Мариово

Родната куќа на познатиот писател Стале Попов е сместена во близина на една од најпознатите Македонски цркви – Св. Илија, во веќе иселеното Мариовско село Мелница.
И самата во очајна состојба, оваа куќа претставува единствен показател за некогашниот живот во ова село.
rod_kuk_stale_popov
Popov-StaleСтале Попов (25 мај 1902 – 10 март 1965) бил македонски раскажувач и романсиер. Роден е во селото Мелница, Мариово. Произлегува од селска средина. Неговите стари, по традиција, биле земјоделци, но меѓу нив имало и школувани. Уште како дете бил сведок на тешкиот живот на своите соселани, кои живееле ропски живот под турските аги и бегови како обесправена раја. Неговите биле малку поимотни и културно поиздигнати, зашто од нив имало и свештеници. Основно образование завршил во с. Витолиште (Мариовско). Започнал да учи гимназија во Прилеп, а завршил богословија во Битола и Теолошки факултет во Белград. Сепак, тој никогаш не се запопил, а пред Втората светска војна работел како земјоделец, дрвар, овчар, трговец, бакал, службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар, тутунски работник.
Во текот на НОБ го помагал партизанското движење, додека за време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Неврокопско (Бугарија). По ослободувањето на земјата Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, потоа работи како управник на Шумската дирекција, за на крај, се до пензионирањето, да и се посвети на педагошката дејност како професор по македонски јазик во Прилеп и Скопје. Починал во Скопје на 10 март 1965 година.

Творештво

Стале Попов започнал многу рано да пишува, но како писател се оформил непосредно по ослободувањето. Првите раскази “Мице Касапче” и “Петре Андов” ги објавил во списанието “Современост”. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман “Крпен живот” (1953). Веднаш потоа напишал цела серија свои дела и станал еден од најплодните романсиери и раскажувачи на нашата македонска литература. Следната година го издал вториот дел од “Крпен живот”, како и “Опасна печалба” (1954). Две години подоцна го објавил романот “Толе Паша”, а потоа и “Калеш Анѓа” (1958), “Дилбер Стана” (1958), “Мариовскиот панаѓур” (1961), “Мариовски раскази” и “Итар Пејо” (раскази). Во ракопис оставил богато литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи). “Шаќир војвода” (роман), “Необично дете” (роман), “Доктор Орешкоски” (роман) и две збирки раскази.

itarpejo.org

abvedit петак, 6. септембар 2019.
Осум наслови во конкуренција за наградата за поезија „Антево Перо“



September 6, 2019
На својот прв консултативен состанок одржан на 04 септември 2019 година, жири-комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ во состав: проф. д-р Венко Андоновски (претстедател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), констатираше дека за Конкурсот има голем интерес, што се огледа и од пристигнатите 87 авторски ракописи. Изразувајќи нескриено задоволство од рекордниот одзив на овој Конкурс, посветен на нашиот поетски великан Анте Поповски, Комисијата констатира дека во голем број од пристигнатите збирки е присутно вистинско шаренило од теми, умешно и успешно обработени, што севкупно ги чини поетски дела со респектабилни естетски вредности.
Раководејќи се од севкупниот впечаток и целовитоста на поетскиот израз, од мноштвото пристигнати наслови, Комисијата во поширокиот избор за доделување на наградата „Антево перо“, ги издвои следниве поетски ракописи: „Капе времето“ на Виолета Танчева Златева, „Јазикот на светлината“ на Сузана В. Спасовска, „Градот“ на Иван Џепаровски, „Дупка“ на Александра Димитрова, „Граници“ на Михајло Свидерски, „Ѕидање на времето“ на Искра Пенева, „Музеј на чувствата“ на Јосип Коцев и „Кожена душа“ на Емануела Ковачевска. Редоследот на номинираните нема вредносно значење.
Жири комисијата не го крие своето задоволство што и покрај постоењето на голем број поетски фестивали и награди во земјава, годинава името на Анте Поповски беше дополнителен мотив рекорден број автори да конкурираат за поетското признание „Антево перо“. Со чувство на особена радост, Комисијата ги споделува и податоците за извонредниот одзив на млади автори, како и за учеството на Конкурсот на автори кои творат на македонски јазик од Австралија, Шведска и Србија.

abvedit
Промоција на книгата „Збирка есеи од кинеската филозофија“ од авторот д-р Александар Стаматов, во издание на Аз-буки.




Промоцијата ќе се одржи во Метаноја на 3 септември (вторник) во 20 чaсот. 
Промотор на книгата ќе биде Проф. д-р Ана Димишковска.
Збирката содржи трудови кои авторот ги изработил за време на докторските студии и опфаќаат теми од областа на древната кинеска филозофија, неоконфуцијанизмот и некои современи аспекти на кинеската филозофија, вклучувајќи и компаративни трудови. Истата претставува единствена потемелна разработка на теми од кинеската филозофија од македонски автор, достапна на македонски јазик.
Стаматов дипломирал и магистрирал на Катедрата по филозофија на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а докторирал на Националниот централен универзитет во Тајван во областа на кинеската филозофија. Автор е на книгата Тао на Небото и Земјата: Проблемот на Едното кај таоизмот и конфучијанизмот и на многубројни трудови на македонски, кинески и англиски јазик.
Стаматов живее во Тајван и е професор на Универзитетот Минг Чуан.

abvedit уторак, 3. септембар 2019.
Објавена книгата : Потенцијалите на жанрот крими-драма преку сценариото за игран филм Се викам Слобода




Во издание на ЈОУ градска библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија деновиве излезе од печат теориското дело „Потенцијалите на жанрот крими-драма преку сценариото за игран филм Се викам Слобода“ од Стефан Марковски.

Делото е магистерски труд на авторот одбранет на Катедрата за филмско и ТВ сценарио при Факултетот за драмски уметности – Скопје и се состои од 2 сегменти: анализа на техники, развој на карактери и приказна за сценарио во контекст на жанрот крими-драма во современиот македонски и западен филм и самото сценарио за долгометражен игран филм „Се викам Слобода“.
Во рецензијата кон ова сценарио и теоретска разработка надополнета од препорака за филмска продукција потпишана од тричлена комисија, ред. проф. Владимир Блажевски, ред. проф. м-р Лазар Секуловски и ред. проф. д-р Сашко Насев се наведува:
  • „Преку оваа приказна се разработуваат акутни општествени состојби на нашето совремие, но најважно е тоа што самото сценарио како предлошка за игран филм создава една нова, за себеси, уметничка реалност. Во сценариото „Се викам Слобода“ авторот прво го дефинира екстровертниот живот и колективниот дух на младите, урбани граѓани. Во тој квантум на бигори, соништа и недостаток на слобода, но, и преку специфична постапка својствена на неговиот авторски, зрел писателски јазик, тој го прецизира својот индивидуален однос кон животот и времето, актуелните теми и третманот на средината кон оние што се како нас, ама не се исти.“
Од анализите во овој труд произлегува дека доминантен облик на драма, како од аспект на вкупна продукција, така и од аспект на прифатеност кај публиката, во досегашната македонска кинематографија е историската драма, додека хибридниот жанр крими-драма, како и самата филмска естетика на обратното, за разлика од она што е случај со светските тенденции, кај нас се едни од најслабо прифатените.

abvedit
Seo Services