Мојот избор за македонски автор во месец септември е Живко Грозданоски - Последното име на иднината.
Провокативен наслов со необична приказна која опфаќа цела генерација на едно семејство. Едниот дел од приказната е за корумпираното општество во Босна, каде што еден градежен инженер од Германија добива меѓународен проект за изградба на тунел во Босна. Притисоците за корупција доаѓаат од сите страни, а инженерот Јоха не планира да подлегне, па дури и кога се работи за неговиот шеф, главниот надзорник. Во другиот дел е опфатен личниот живот на инженерот Јоха, кој зад себе ја остава неговата сопруга Ирис, која го чека во Германија. Дејството започнува од детските години на Јоха, во доцните шеесетти години на минатиот век, а трае сè до иднината. Една преубава слика за животот и професијата на еден градежен инженер отсликана преку богатото раскажувачко перо на овој македонски писател. Многу ми е драго што откривам сè поголем број квалитетни македонски автори, меѓу кои во мојот список влегува и Живко Грозданоски. Ќе ви пуштам еден цитат што ја отсликува љубовта меѓу Јоха и Ирис, љубов што опстојува цел живот и во различни и необични форми, без разлика што тие долго време живеат во различни држави. Мене цитатот многу ми се допадна, особено затоа што тоа е момент кога Јоха и Ирис за првпат се гледаат по долго време. Книгата ви ја препорачувам за да можете да уживате и вие во неа.
,,Јоха ја гушна, и се почувствува како да влегол дома. Небаре Ирис, на само нејзе својствен начин, ги беше оставила во Јена клучевите од нивната куќа на Ема Хајнц, а сепак со себе го понела сето она што за Јоха беше дом."
facebook.com/groups/
Нема коментара