"Чија си, чија си, чија си, и кој ти гали долги коси..." Тој музичко-текстовен евергрин веќе со децении владее со нашата забавна музика. Се пее од кантавторот, незаменливиот Славе Димитров, но се свири и во нови аранжмани. Меѓутоа, ако почетокот се знае, сe уште не се гледа крајот - одговорот. Чија си?
Тоа е импозантен, зашеметувачки силен, неодолив спој на музика и текст полн со трепети и жар. И никој кој ја слуша или потпевнува, не е индиферентен, без емоции и сеќавања на нејзиното појавување. А таа музика, силна како и зборовите, го натераа Славе Димитров и сам да ја испее, прв пат во 1971 година на Скопскиот фестивал. Ја испеа како сe уште никој друг, освен, можеби, соло-виолината.
Автор на легендарниот текст за "Чија си" е мојот соученик Благој Стефановски - Благојче, еден од генерацијата матуранти 1948-49 во Машката гимназија "Цветан Димов" во Скопје.
Има професии во кои талентираните доаѓаат до полн израз, професии познати како нешто "обично". Но има и такви, кои како да се подзатскриени, не кои не им обрнуваме доволно внимание и во нив талентите си остануваат во сенка. Таква е професијата да се пишуваат текстови за забавна музика. Тие текстописци треба да се и музички образовани, да ја познаваат музиката и да ги откриваат нејзините тајни желби и да ги читаат. Овие способности ги имаше Благојче. Тој уште во првите класови на гимназијата го покажа својот талент, учествувајќи во гимназискиот весник (Билтен - Гимназијалец). Објавуваше фељтони, песни, дури и подоцна, како студент, како уредник на програмата на Радио Скопје и автор на бројни емисии. Тој напоредно со редовната работа соработуваше со многу композитори на забавни мелодии пишувајќи им текстови. Голема е бројката на тие композитори, дури и преку 50. Меѓу нив се и имињата на Драган Ѓаконовски - Шпато, Александар Џамбазов, Димитар Масевски, Славе Димитров, Љубомир Бранѓолица, Јане Коџобашија и други.
Благој Стефановски - Благојче (првиот од лево) со Славе Димитров во 1971 во студиото на Радио Скопје каде е снимена "Чија си"
Интересна е соработката со Славе Димитров.
"Музиката за "Чија си" е компонирана во текот на 1969 година во Битола, а текстот и аранжманот на музиката се создадени во Скопје во 1971", вели Славе Димитров за својот хит. "'Чија си' е за прв пат јавно објавена на Фестивалот на забавни мелодии Скопје 71, а е изведена во две верзии, правата во моја вокална интерпретација а втората во вокална интерпретација на Крунослав Киќо Слабинац, каде беше наградена со втора награда на публиката", раскажува Славе.
Славе напишал композиција, но без име. Таа стоела во фиока две години. Еден ден Славе му ја отсвирил на Благојче и тој се зафаќа да напише текст. Бидејќи била безимена, требало да се најде клучот, да се откријат тајните на нотите. И Благојче ја почувствувал содржината која го носела прашањето: "Чија си?" Потоа веќе било полесно да го состави текстот. Тој текст легнал на нотите, така што станало невозможно таа мелодија да има друг текст. На тој начин мелодијата и текстот станале неразделни: нити мелодијата можела да живее сама, ниту текстот да претставува сам нешто особено. Но заедно, како некоја легура, песната наречена "Чија си" претставувала елемент со силна специфична тежина.
Нејзината праизведба на Скопскиот фестивал во 1971 година во исполнение на Славе Димитров е наградена, но не од стручното жири, туку од публиката. Жирито покажало музички далтонизам. Оттогаш "Чија си" станува хит. Се исполнува и во други аранжмани, но праизведбата си останува најверна и на формата и на содржината.
Чинам дека во оваа песна има нешто што потсетува на "Болеро" од Морис Равел - трагика, на една слатка замореност која потсетува на познатата песна од Блаже Конески "Убавино, ти ме заморуваш веќе", а уште повеќе по чувството на тајновитост, загатливост, каква што ја има во познатиот портрет на "Мона Лиза" од Да Винчи. Таа дискретна насмевка е вечно неодгатлива. "Чија си" е музичко-текстовна композиција богата со својот колорит, топли тонови, а среде тоа и девојката, невидлива, со својата убавина, долгите коси, која не дава одговор на многу прашања: чија е, кој ги гали нејзините коси, како $ е името? Сe останува тајна, вечна. Тоа ја прави песната посебна, предизвиклива, постојано да се пее, свири, слуша.
Тој предизвик трае веќе речиси четириесет години. Четири генерации ја носат во себе, а и другите кои наидуваат. Постојано ја актуелизираат и таа продолжува да живее и натаму. "Чија си" веќе не е само евергрин, туку, под силната импресија на мелодијата а и текстот, од пред децении, таа се преточи во драмски текст, на авторот Сашо Насев. Тој текст, од премиерата на 09.02.1999 година на сцената на Драмски театар, за само првите седум месеци е изведен 50 пати, секогаш пред распродаден салон. Во таа пиеса "Чија си" се пее од Игор Џамбазов, седум пати. А, тој, седмиот пат, со кој и завршува претставата, е силно трагичен. Во "МИ - АН-овата" енциклопедија песната "Чија си" е прогласена за Песна на векот (дваесеттиот) во 1999 година. Можеби, еден ден, ќе се роди и опера или балет. Зависи кого ќе го фати епидемијата на носталгија.
На авторот на текстот на "Чија си" - Благоја Стефановски, од 1971 година па се до 1993 година, на сите скопски фестивали, наградувани му се сите текстови, без исклучок. Има напишано преку 600 текстови, од кои 210 се во фонотеката на МРТВ и се пуштаат во етерот. За жал, Благојче веќе не е меѓу живите но остануваат неговите дела.
"Чија си" и натаму трага по своите одговори. Можеби дамата - убавицата, сепак ќе проговори. Но, еден одговор како да се слуша: "Чија си? - На тој сум, кого јас го љубам".
Ристо Ќортошев , весник Вест 2009 г.
Славе Димитров Чија си Lyrics
Има еден дом сред жолто лисје
стан е тој во сите мисли
покрив тој е твој и кошмар тој е мој
редок миг пред куќен праг
скриен поглед толку драг, ко бој
Секој ден си ти под иста стреа
гулабец во лет во воздух смеа
Ладна како лед па бујна како цвет
стојам долго долго јас
гледам чудно и без глас ко нем
реф:
Чија си, на кого радост ти му носиш
ѕвезда си, во некој облак како плам
чија си, и кој ти гали долги коси
свет си мој, а ниту име не ти знам
Има еден ден што не се зори
скриен е тој во сказни гори
мора да си ти од небо еден дел
еден допир толку мал
еден бакнеж сосем мал, а врел
publicitet.mk
Нема коментара