Новата книга на Калина Малеска „Мојот непријател Итар Пејо“ во издание на ИЛИ-ИЛИ излезе од печат неодамна, со што таа стана ново име во семејството на одлични домашни автори кои оваа издавачка куќа ги издава во изминатите десет години.
Калина Малеска е македонска писателка, професорка по книжевност и книжевна критичарка. Ги напишала следниве дела:
Збирки раскази: Недоразбирања, 1998; и Именување на инсектот, 2008.
Романи: Бруно и боите, 2006; и Призраци со срмени нишки, 2014.
Драма: Случка меѓу настани, 2010.
Книжевна теорија и критика: Transformation of the Discourse of Power in Literature, 2016.
За книгата, книжевната критичарка Оливера Ќорвезироска напиша:
„ Ништо веќе по „Мојот непријател Итар Пејо“ на Калина Малеска нема да биде како што беше со нејзините раскази, но и со приказните на Итар Пејо, зашто, кога и да ги слушнеме – ќе знаеме дека еден фиктивен книжевен лик со заборавено име стои како глас и зад неа, но и зад Пејо, како негова заумна мисла, како сенка и како идеја за општа правда и праведност. Како осовременета книжевна вистина за фолклорното наследство.
Оваа одлична раскажувачка јас-точка на измислен лик сопoстaвен на Итар Пејо, целосно ги освојува читателските симпатии и на распнатото јаже помеѓу измислениот лик и неговиот „непријател“ – фолклорниот херој, еквилибристички вешто го движи исписот на новата можна книжевна вистина. Или тајна… “. /крај/со/ст
Нема коментара