Сказна за кусурот



Сказната е „Сказна за кусурот.“ Ја напишав во март 1999 година. Покасно, ја објавив во збирката „Разни сказни“, 2002 година. Кој има време и трпение, нека ја прочита.


„Во една мала и непозната земја, се јавил проблем. Проблемот не бил крупен. Проблемот бил ситен. Проблемот бил во кусурот. Во малата земја се јавил недостиг од ситни пари. Секој се жалел дека нема ситни пари. Продавачите се жалеле од купувачите, бидејќи со себе не носеле ситни пари. Купувачите биле незадоволни од продавачите, бидејќи немале ситни пари, па морале да чекаат за кусурот. Во потешки случаи, самите талкале за да дојдат до ситнина. Никогаш не било разјаснето како и едните и другите доаѓале до потребните ситни пари во услови на сеопшт недостиг на ситни пари. Во тоа време се појавил непознат трговец. Никој не умеел да каже од каде дошол. Мистеријата околу неговата личност уште повеќе се зголемила, благодарение на една негова необична особина. Секоја вечер, како што ќе завршел со пазарот, одел по соседните дуќани за да ги окрупни парите, кои во текот на денот ги заработил. Не сакал да носи дома купишта ситни пари, бидејќи било непрактично. Неговите соседи, дуќанџиите, имале разбирање за неговата потреба и му излегувале во пресрет, давајќи му ги крупните пари до кои дошле во текот на денот. Така, секоја вечер овој човек заминувал среќен, успевајќи ситното да го окрупни. Наредниот ден, пред да го отвори дуќанот, ќе ги посетел дуќанџиите за да му ги раситнат претходно окрупнетите пари. Така, постапувал секоја божја ноќ, односно утро. Дуќанџиите, добри соседи, имале разбирање за необичната навика на трговецот, излегувајќи му во пресрет. По извесно време, забележале одредена нелогичност во однесувањето на трговецот. Не можеле да си објаснат зошто секоја вечер ги окрупнува парите, кога наредното утро ги раситнува. Нивната збунетост се зголемила кога си го поставиле прашањето дали трговецот ги раситнува истите пари, кои ноќ ги окрупнил или, можеби, тоа не се окрупнетите пари од претходниот? Ако е така, од каде му се парите и зошто токму сега ги раситнува? И што прави со окрупнетите пари? Работите накнадно се комплицирале, кога ќе си го поставеле прашањето што точно трговецот прави. Не им било јасно дали го раситнува окрупнетото или го окрупнува раситнетото? Меѓутоа, не можеле да дојдат до сигурни одговори. Единствено биле сигурни дека овој човек во правилни временски интервали повторува исти, но меѓусебно спротиставени операции – што ноќе ќе окрупнел, наутро ќе раситнел. Конфузијата се зголемила кога разбрале дека трговец и немал муштерии (во дуќанот никој не влегувал), па и немало што да окрупнува/раситнува. Не можеле да си објаснат кави бизарни и меѓусебно спротивставени сили управуваат со овој човек. Почитувани, знаети ли и вие што правел непознатиот трговец? Дали ноќе го окрупнувал тоа што дење го стекнувал или наутро го ситнел тоа што претходно го окрупнил? Што ако, се прашувам, раситнувањето и поткусурувањето се само дел од окрупнувањето, а окрупнувањето е дело кон докусурувањето?


Минувале ноќи, денови, седмици,месеци и години, но необичниот обичај на трговец не заминувал. Тој севезден раситнувал, раситнетото го окрупнувал, па окрупнетото повторно го раситнувал. По извесно време, дуќанџиите се нашле во непријатна ситуација. Од една страна, и тие, исто како и трговецот, тешко доаѓале до ситни пари, кои морале да му ги дадат и веднаш потоа да бараат нови ситни пари. Така, со денови мака мачеле. Од друга страна, нивната внимателност, нивната кроткост, како и нивната вродена гостопримливост не им дозволувала да не излезат во пресрет на барањата од трговец. Животот им станал безнадежно растргнат, бидејќи и тие, излегувајќи во пресрет на трговецот, окрупнетото го раситнувале и потоа го окрупнувале. Какоако и да е, не можеле да најдат излез од ситуацијата. По извесно време почнале меѓу себе да раскажуваат разни сказни. Најинтересни биле сказните за неговото потекло. Никој не умеел да каже кога и од каде дошол трговецот. Единствено знаеле дека однесувањето му е необично, дури и шејтанско. Околу ова прашање дуќанџиите се поделиле во повеќе групи. Една група тврдела дека неговото шејтанско однесување говори за неговото шејтанско потекло. Имено, како што времето одминувало, така и трговецот се видоизменувал. Не само што во неговото оденсување имало нешто шејтанско, туку и неговиот лик почнал добива шејтански црти. Погледот, носот, цртите на неговото лице, гестакулацијата, попримале нешто шејтанско. Може ли нешто да наликува на шејтанско, ако не е шејтанско? Оттука, заклучувале, шејтанлакот е доказ за неговото шејтанско потекло. Некои оделе дотаму, што биле спремни да тврдат дека трговецот е самиот Шејтан. Друга група дуќанџии не се согласувала со ова мислење. Тие воопшто не одрекувале дека ликот на трговецот се менува. Меѓутоа, видоизмената на трговецот, според нив, била знак за нешто друго. Кога трговецот би бил шејтан, тогаш тој, како и секој нормален шејтан, шејтански би се досетил да го сокрие својот шејтански изглед. Бидејќи тоа не го прави, туку сè повеќе наликува на шејта, тоа е доказ дека неговата природа не е шејатанска. Тâ, продолжувале тие, кога неговата природа би била шејтанска, тогаш шејтански би ја маскирал. Вака, прилегајќи на шејтан, може да се заклучи дека тој е невина, дури и наивна природа. Кој шејтан, додавале овие дуѓанџии, би дозволил да се насети, а камоли да се види неговиот шејтански лик? Сепак, првата група дуќанџии не останувала нема пред ваквите аргументи. Напротив, активно им реплицирала. Имено, тврделе првите дуќанџии, токму намерата на трговецот да не го сокрива својот шејтански изглед говори за неговиот шејтанлак. Не криејќи ги своите шејтански особини, продолжувале овие дуќанџии, трговецот сака да остави впечаток дека е наивен и дека во него нема ништо шејтанско. Но, токму оваа негова наивност (всушност, “наивност”) говори за неговата итрина - да не го сокрива она што секој нормален шејтан би го сокривал. Оттука, додавале, тој сака сите да ги заведе. А тоа е, се разбира, најголемиот шејтанлак, бидејќи шејтанското е во способноста да заведува, како и во умешноста шејтанското да го прикаже како нешејтанско, а нешејтанското како шејтанско. Значи, кај Шејтанот станува збор за двојна игра - да се прикрива, од една страна, и да не се прикрива, од дуга. Според тоа, заклучувале овие дуќании, трговецот не е кој било шејтан, туку тој е самиот Шејтан! Притоа, дуќанџиите го актуелизирале подзаборавеното прашање – што трговецот прави со парите. Едните сметале, како што веќе реков, дека раскусуреното го окрупнува; други тврделе дека окрупнетото го раскусурува. Се појавила трета група дуќанџии, која сметала дека тој не го прави ни едното, ни другото, туку дека докусурува сè што ќе му дојде до рака. Докусурувањето, сметале, не е ни раскусурување, ни окрупнување, туку претставува докусурување на сè и сешто. Четврти тврделе дека... Колку и да се разликувале во објаснувањата, во едно се согласувало – дека нешто макенско има во државата нивна! Но, да недолжам и да почнам да ја привршувам сказнава, за која и самиот не знам како завршила, ако воопшто завршила.



Се надевам дека сказната за кусурот, за кусур нема да ми ја земете, бидејќи мојата намера беше чесна. Само сакав да покажам како луѓето умеат од исти факти да изведуваат сосема различни заклучоци. Што е, можеби, израз на краен шејтанлак. Но јас, верувајте ми, во ништо веќе не сум сигурен. Јас, знаете, само сакав да кажам, но не и да излажам. Докажувањето, пак, го осатавам за некоја пригода.

Ваш искрено неискрен,
Шејтан Шејтановски“
                                   ***
Тоа беше таа страшна сказна, во која не се знае, исто како и сега, дали нешто се раскусурува, поткусурува или докусурува. Во таква ситуација, ни самиот не знам дали ќе направам мала пуза во пишувањево.

Љубомир Цуцуловски/

Нема коментара

Seo Services