„Кон масата пријде млада жена со тркалезно лице, речиси затапено од добрина. На главата носеше дебарска шамија, која за мене претставува еден од најубавите делови од гардеробата во светот“.
Непоткупливата новинарка, писателка, публицист, учесничка во жестоките полемики на своето време, патописец, мајката на бунтовниот критичар Ентони Вест, денес е се повеќе актуелна меѓу нејзините Англичани.
И три децении по нејзината смрт сите нејзини мисли и идеи кои беа осудувани сега се прифатливи, но само една и понатаму е екстремно екстравагантна – нејзината страст кон Балканот. Токму поради таа нејзина „ирационална“ љубов, оваа писателка беше долго време запоставена. Дури во 2000-та година беше објавена нејзината книга со писма. Во 1930-те години Ребека Вест известувала од Југославија која страсно ја пропатувала од Триглав до Гевгелија, и од тие остри и топли белешки настанува нејзината позната книга „Црно јагне и сив сокол“. Не е никакво чудо што Ребека Вест со своето орловско око и сензибилитет го сфатила Балканот, ја опишала неговата историја и ги претчувствувала кризите како ниту еден од странските критичари.
Во текстот кој следува, селективно ги објавуваме нејзините писма кои се однесуваат за Македонија.
Додека набрзина излегувавме од станицата се однесував како професионален водич, покажувајќи со раката на целото она богатство кое во темнината лежеше пред нас. Станицата се наоѓа во новиот дел на Скопје, на крајот на главната улица која наликува на второкласен трговски центар во некој англиски индустриски град, ако не го сметаме слабото осветлување, калдрмата и отсуството на автомобили. Но зад станицата се простира висорамнина која е налик на атлас со големо А, го придржува небото, мермерното небо од отсјајот на месечината низ облаците. Околу нас се ширеше топол воздух и мирис на јоргован, звуци на музика и пеење кое допираше од малите кафеани скриени во споредните улици и дворови. Еден настан внесе во градот ритам и возбуда. Буката на малите фијакери со два коња одѕвонуваше на калдрмата, чукаа и петиците на чевлите на луѓето кои итаа во истата насока.
– Погледнете, сите тие одат во црква на велигденска служба, рече Константин.
Излеговме од нашиот фијакер и им се придруживме одејќи полека по една споредна улица се додека не се најдовме пред црквата која не личеше ниту на црква, ниту на циркус, туку на една украсена двокатна селска зграда. Необично делуваше дури и одвнатре. Изградена пред 100-на години кога султаните покажувале одредена толерантност кон христијаните дозволувајќи им да градат цркви, иако таквата дозвола не вредела многу доколку не бил подмитен локалниот паша. Во ова чудно здание, сега потполно потонато во мрак, стоеја мноштво луѓе кои чекаа со незапалени свеќи во рацете. Оној параван пред олтарот, иконостасот, како архитектоснки карактеристичен елемент на источните цркви, овде беше висок ѕид со крст на врвот, тврдина која го бранеше постојаното загрозување на светата тајна. Кон масата пријде млада жена со тркалезно лице, речиси затапено од добрина. На главата носеше дебарска шамија, која за мене претставува еден од најубавите делови од гардеробата во светот. Тоа е шамија од фино сукно, изшарана со неколку силни црвени бои или розови везени кругови меѓу кои, како да требал да биде скриен од очите на јавноста, стои извезен крст во зелена или виолетова боја. Секоја жена ја врзува таа шамија во согласност со својата визија, но таа секогаш е ремек дело – вознес на една прогонета, но сепак величенствена религија.
Колоната свештеници речиси истовремено излезе низ вратата на иконостасот, се слушна благо шепотење на црковни песни кои ги пееја луѓе чија вера не бараше целибат од своите свештеници ниту пацифизам од своите верници, а свеќите се палеа од рака до рака се додека целата црква не стана едно пламено поле на нежни гороцвети.
…Оваа жена страдаше повеќе од другите човечки суштества. И таа, и нејзините претци. Еден добар познавач на оваа земја рекол дека секој човек кој е овде роден пред Големата војна, а и оние кои се родени подоцна, барем еднаш во животот се соочиле со насилна смрт. Оваа жена морала да биде родена при крајот на распаѓањето на турската управа, тогаш кога буните биле заменети со масакри и кога владел општествен хаос. Ако нејзиното село не било срамнето со земја, таа сигурно слушнала за многу такви на кои тоа им се случило и никогаш никој не и гарантирал дека тоа нема да се случи и со нејзиното село. Во нејзиното зрело доба на Балканот се воделе војни, вклучувајќи ја и Светската, а во меѓувреме таму коселе и колерата, и епидемијата на тифус. Подоцна, на ред доаѓа ВМРО и постојано се живеело на работ на крајната беда. Се имало далеку помалку отколку што било која жена од Западот можела да замисли – и личен имот, и безбедност, и помош при породување. Но, македонската жена имала две работи на кои можеле да и позавиди било која жена од Западот – сила, огромната камена сила на Македонија. Од таков сој на кој ништо не му можел ниту еден куршум освен оној испукан во срце, била во состојба да преживее планински зими, да надживее маларија и куга, да дочека длабока старост со сув леб и толчена сол. Во нејзината немаштија, како во длабочина на некоја карпа, биле собрани последните капки на византиската традиција.
(продолжува)
превод на писма- Ј.Кантарџиева
Нема коментара