15 бесплатни електронски книги за веб дизајнери и програмери


Независно дали сте почетник или напреден професионалец, на вебот секогаш има нешто интересно што може да го прочитате. Дали барате искуство во пишување на SVG (скалабилна векторска графика), градење на веб апликации или сакате да станете хонорарец со полно работно време? Сега нема потреба од преголеми книги. Има многу кратки, но корисни електронски книги кои што ќе ви овзможат да станете професионалец во одредена област. И најдоброто од сѐ е што овие електронски книги може бесплатно да ги превземете од интернет!
Само скролајте надолу и уживајте во приказот на 15-те бесплатни електорнски книги за веб дизајн и програмирање кои ќе ги подигнат вашите вештини на повисоко ниво. Некои од нив ви се на располагање во PDF и други формати, додека останатите може да ги читате само online.

1. Џебен прирачник за пишување SVG

Во овој прирачник ќе најдете детален вовед во пишување на SVG (скалабилна векторска графика) и ќе дознаете од каде да почнете. Употребувајќи јасни примери од слики со овошје и кратки објаснувања на атрибутите, чекор по чекор ќе ги научите SV графиците. Прирачникот го има и на португалски јазик.
Автор: Џони Трајтол
Достапна: Online

1-fresh-free-ebooks-for-designers

2. Зборување во JavaScript

Оваа електронска книга би им била од корист и на почетниците, а и на поискусните Javascript програмери бидејќи ја обработува темата во детали. Авторот континуирано пишува за Javascript и неговите други интереси на блогот 2ality.com
Автор: Др. Ексел Рошмаер
Достапна: Online

2-fresh-free-ebooks-for-designers3. Адаптивен веб дизајн

Научете го потеклото на прогресивното подобрување, неговиот механизам, филозофија и многу практични начини на кои може да ги примените принципите на прогресивното подобрување употребувајќи JavaScript, HTML, и CSS во оваа книга со 6 поглавја.
Автор: Арон Густафсон
Достапна: Online3-fresh-free-ebooks-for-designers

4. Електронска книга за Typo класификација

27-те страници од оваа кратка електронска книга ќе ве прошетаат низ клучните класификации за типографијата. Таа ги покрива главните карактеристики на стилот, како и кратка историја за секоја класификација.
Автор: Џејкоб Кес
Достапна: PDF

4-fresh-free-ebooks-for-designers

5. 11 работи кои мора да ги направите при секоја нова WordPress инсталација

Во овој прирачник ќе најдете 11 неверојатни совети за тоа како да креирате одлична WordPress страница. Доколку сте почетник во оваа област и сакате да го инсталирате WordPress, оваа електронска книга е напишана токму за вас.
Автор: iThemes Медиа
Достапна: PDF

5-fresh-free-ebooks-for-designers

6. Градење на веб апликации со Go

Ова е електронска книга во 15 поглавја напишана од Џереми Синз, која ќе ве научи како набрзина да изградите веб апликации употребувајќи го Go програмскиот јазик.
Автор: Џереми Синз
Достапна: PDF ePUB Mobi Online

6-fresh-free-ebooks-for-designers

7. Префрлете се на мобилен со WordPress

Никогаш не е предоцна да ја направите вашата страница мобилна. Научете што е чувствителен (responsive) дизајн, мобилни страници и мобилни апликации, и добијте совети како да ја претворите страницата во мобилна и прилагодена за мобилни уреди.
Автор: iThemes Медиа
Достапна: PDF7-fresh-free-ebooks-for-designers

8. HTML Canvas Deep Dive

Содржи интерактивни примери и вежби низ кои ќе ве воведе во градењето на canvas апликациите. Пожелно е да имате познавања од Javascript и HTML пред да почнете со оваа книга.
Автор: Џош Марианчи
Достапна: Online

8-fresh-free-ebooks-for-designers

9. 10 клучни работи за одлична страница на пристигнување

Во оваа навистина кратка електронска книга, во помалку од 20 страници, ќе ги откриете клучните разлики помеѓу страниците на пристигнување и почетните страници, зошто тие се толку важни и како да изградите модерна страница на пристигнување.
Автор: iThemes Медиа
Достапна: PDF

9-fresh-free-ebooks-for-designers

10. Книга за брзината

Книгата за брзината од Стојан Стефанов е online, бесплатна електонска книга за веб перформанси. На почетокот се фокусира на деловните импликации на веб перформансите: зошто брзината е важна, а потоа дискутира за измените кои можат да ја подобрат изведбата.
Автор: Стојан Стефанов
Достапна: Online

10-fresh-free-ebooks-for-designers

11. Практичен прирачник за веб дизајнирање

Оваа електронска книга е напишана од авторот на Пет едноставни чекори, Марк Болтон. Книгата има 5 главни поглавја во кои се обработуваат теми како истражување и идеи, бои, типографија, распоред на страницата и се она што не очекува доколку сакаме да влеземе во светот на веб дизајнирањето.
Автор: Марк Болтон
Достапна: PDF
11-fresh-free-ebooks-for-designers

12. PHP: Вистинскиот начин

Има многу застарени информации за Веб-от кои ги водат новите PHP програмери по погрешен пат. Оваа електронска книга е овде да го сопре тоа.PHP: Вистинскиот начин е едноставна за читање и разбирање и во себе ги содржи најдобрите РHP практики и линкови до авторитативни туторијали.
Автор: Џош Локхарт
Достапна: Online

12-fresh-free-ebooks-for-designers13. Важни совети за кариерата на програмерите

Оваа книга е напишана од основачот и извршниот директор на iThemes, и е наменета исклучиво за веб програмери. Таа ќе ви покаже како да изградите ваше портфолио, како да работите со клиенти, да развиете комуникациски вештини и ќе ве инспирира да продолжите со учење и истражување.
Автор: Кори Џеј Милер
Достапна: PDF

13-fresh-free-ebooks-for-designers

14. Сакате да сте фриленсер?

Дали сакате да станете хонорарен веб дизајнер со постојано работно време, а немате идеја каде да почнете? Оваа електронска книга ќе ви ги каже предностите и недостатоците на следењето кариера како фриленсер и ќе ви понуди практични примери за тоа како да изградите цврст бизнис во тоа поле. Ќе научите како да заработите пари, да бидете поорганизирани, да најдете нови клиенти и многу повеќе.
Автор: iThemes Медиа
Достапна: PDF

14-fresh-free-ebooks-for-designers

15. Магијата на CSS

Во 6 поглавја се содржани box модел, распоред на страница, распоред на табела, боја, типографија и CSS транзиции. Оваа книга е лесна за разбирање, добро напишана и полна со интерактивни примери кои не дозволуваат да изгубите интерес.
Автор: Адам Шварц
Достапна: Online
15-fresh-free-ebooks-for-designers

abvedit недеља, 28. јул 2019.
ДРИМВОРКС ПОЧНУВА СО ИЗДАВАЊЕ КНИГИ





„Читањето со децата се уште е искуство кое нешто значи. Истовремено производството на е-книги кои вклучуваат интерактивни елементи станува растечки бизнис во издаваштвото", ги објаснува мотивите извршниот директор на Дримворкс, Џери Каџенберг.
Компанијата ги поседува правата за објавување книги базирани на голем број од нејзините популари ликови. Проблемот е што освен оригиналните приказни врз кои е снимен одреден филм, како онаа за Шрек на Вилијам Штајг, постојат и голем број други наслови кои го содржат истиот лик, а чии издавачи правата ги откупиле токму од Дримворкс. Токму затоа компанијата ќе се концентрира на идните филмови и книгите поврзани со нив. Отстапувањето на правата за објавување книга според филмот на друг издавач е секако поедноставно, и носи помалку ризик, но од друга страна директното објавување носи многу поголем профит и контрола врз крајниот изглед на производот.
Изгледа дека барем во САД овој пазар, за детски и тинејџерски книги, навистина расте - спорeд податоци од Здружението на американски издавачи во првите десет месеци од минатата година споредено со истиот период во 2011 покажува раст од 6,9%. Ова се толкува како резултат на зголемените напори на родителите да читаат со нивните деца, а што е пак поинтересно за децaта од ликови кои веќе ги засакале преку филмовите.
Засега водечка компанија која истовремено се занимава и со анимација и со издавање детски книги, што значи и главен конкурент на Дримворкс, е Волт Дизни, којa долго време успешно објавува детски книги базирани врз сопствените хитови. Минатата недела шест од топ 100-те наслови на Амазон беа поврзани со анимираниот филм на Дизни, Frozen.

abvedit петак, 19. јул 2019.
БИБЛИОТЕКА ОД ДЕСЕТИЦИ ТОВАРИ КНИГИ ОД ТРЕСКАВЕЦ ИСЧЕЗНАТА ВО НЕПОЗНАТ ПРАВЕЦ



Нема сомневање дека манастирот Трескавец со црквата „Успение на Пресвета Богородица“ кој се наоѓа на 8 km. северозападно од Прилеп претставува едно од најзначајните светилишта во Македонија. Според некои преданија, но и научни сознанија имотот на овој манастир во минатото се протегал надалеку и нашироко низ Македонија, а под негова хиерархија биле повеќе други манастири. Дел од таквите манастири и имот стигнувале дури до Охрид. Нему му биле потчинети манастирот во Зрзе, а свој имот имал во блискиот Заград, во атарот на селата Дабница, Горно Село, Небрегово, Присад, како и во атарите на некои подалечни села како што е Чепигово. Според предание, на овој манастир извесно време му бил потчинет дури манастирот „Св. Наум Охридски“. Сето тоа има асоцијација на големото значење на овој манастир кое, веројатно, произлегува од древните корени на светост кои не водат дури до антиката кога на ова место, исто така, имало светилишта што од своја страна повторно предизвикува на анализа, размислување и истражување на неговите уште постари култни корени.



Преданијата посебно говорат за богатството од книги со кои распо­ла­гал манастирот. Тие, веројатно, потекнуваат од неговата долга тради­ци­ја на постоење со развиена калуѓерска и свештеничка христијанска деј­ност која претпоставува и собирање црковна литература, како и препи­шу­вање на слична литература, па дури и автентични творечки активности областа на христијанството. Така, веќе споменавме дека според едни кои го пренесуваат преданието, во манастирот имало дури 300, а според други и 700 калуѓери кои се неверојатни бројки, но во секој случај се работело за значајни бројки на присуство на христијански посветеници во минатите векови. Според податоците од еден минеј (месечник во кој се запишувале црковните богослужби) во крајот на XVI век се вршела и препишувачка дејност во манастирот. 1 Во него се наоѓа името на препишувачот Јоаникиј. Во 1712 година јеромонахот Захарија пишува, исто така минеј 2 , а јеромонахот Гаврил во 1720 година пишува „чудеса на Богородица“ 3 . Во 1780 година како и во почетоот на XIX век во манастирот веќе има училиште. Како што споменува Георги Трајчев последниот учител во ова црковно училиште на Трескавец бил поп Ангеле Смичков од Варош кој таму бил до 1870 год 4 . Дека во манастирот престојувале лица со висока христијанска свест говорат и спомените за голем број игумени, јеромонаси и други свештени лица чија дејност е поврзана со манастирот и манстирската црква. Во Поменикот на манастирот кој денес се чува во библиотката во Ленинград (Санкт Петербург) се споменуваат неколку игумени од XVIII и почетокот на XIX век и тоа Јосиф, Исаија и Тимотеј 5 . На дел од живописот на јужниот ѕид на црквата однадвор се насликани игуменот Васарион и монахот Амврозиј, претставени како ктитори со моделот на црквата во рацете. Од зографот Дичо од селото Тресонче е насликан јеромонахот Самоил 6 , а слични податоци за голем број црковни лица од манастирот кои зад себе оставиле траги на сопствена дејност се среќаваат и на други документи и споменици од црквата и манастирот. Посебен сегмент од големиот број културни споменици претставува и големата убаво изработена крстил­ни­ца од мермер која потекнува од XIV век и на која на посебен натпис се споменуваат две имиња: на Гервасиј и јеромонахот Герасим.



Јордан Хаџиконстатнтинов – Џинот

Од пишаните текстови се дознава дека не сите црковни лица поста­пу­вале цивилизи­рано со пишаните докуманти и книгите во манастирот. Кај наши­те пишувачи од XIX и почетокот на XX век останале некои по­да­то­ци за уништувачки однос кон книгите од богатата библиотека на ма­нас­­тирот. Кај Јордан Хаџиконстантинов–Џинот и Георги Трајчев сре­ќа­ваме интересни тврдења за такви уништувачки активности на книжните потенцијали во манастирот. Според нив, битолскиот владика Венедикт и неговиот наследник Герасим изразиле крајно варварски однос кон кни­гите од богатата библиотека во манастирот. Имено, според пишу­ва­њето, тие наредиле да се горат книгите и да му се даваат на секој кој ќе покаже желба за нив. „Владиката Турко Герасимо заповедал големиот број црковни книги да се запалат и со нив околу две недели се палела манас­тирската фурна, а секој намерник можел да земе од книгите колку што сака. Јордан Хаџиконстантинов–Џинот зел неколку товари и ги испратил некаде во Србија“ – вели Трајчев во своите пишувања за овој настан. 7
Во своето пишување за истиот настан Џинот не споменува дека тој испратил неколку товари книги од Трескавец во Србија, но пишува дека во манастирот имало околу дваесет товари книги, односно ракописи. „Ту (во манастирот Трескавец, з.м.) е имало двјадесет товари рукописи, и сега има, но жал нам Славјаните зашто добрите букви и букваро на Кирила, Механович, Григорович и други таквија ни го земале од скопски Марков манастир и од Трескавец. Герасим игумено сам ми казва за букваро на свјатаго Кирила да му го земале и му се обештале да му дадат сто хилјади гроша. Букваро е бил колко един псалтир и длг три педи, на заечки кожи писан. И други 17 книги земале“ – пишува Џинот. 8
Како што може да се види од пишувањето на Џинот освен дваесетте товари книги во манастирот тој споменува и една книга од исклучително значење како што бил букварот од самиот св. Кирил кој го зеле странски собирачи на културни вредности од нашиот простор. Колку слични документи и споменици се однесени од манастирот Трескавец тешко е да се каже. Дел од таквото богатство создавано во цветниот период на манастирот е во познати културни институции низ светот како што е примерот со претходно споменатиот Поменик од манастирот кој се наоѓа во Санкт Петербург. Веројатно голем дел од манастирското богатство создавано низ вековите денес се наоѓа во непознати институции и збирки. Некои непотврдени информации упатуваат на постоење документи и книги од Трескавец во библиотечните или архивските фондови на некои градови од Балканот, северно и јужно од Македонија, а Боро Мокров во врска со исчезнатата библиотека пишува: 9 – „Некои велат дека подоцна ги подариле (книгите, з.м.) на училишната архива во Солун“. Ваквите траги вреди да се испитаат, пред се, заради тоа што меѓу книгите и ракописите може да има и интересни документи поврзани со дејноста на манастирот во минатото, со црковната активност во Македонија низ вековите воопшто и со македонската историја и култура во која овој манастир зазема значајно место.



 „Трескавец“

Интересни се и извештаите за собрана литература и документи кои од Македонија ги собирал и Апостол П. Стоилов, кој тврди дека таква литература и документи собрал и од манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец при неговата собирачка мисија во време на Првата светска војна. Притоа тој нашол 9 такви материјали во манастирот, со потекло од 15 до 17 век, и уште 8 во Прилеп, со потекло од 14 до 16 век, како во разни агли и на црковните и учлишните тавани, така и во куќите на некои прилепчани, меѓу кои Кочо Небреклиев, Тасо Хр. Думбалов, Ицко Х. Попов и Ацо Хр. Јанев. Материјалите, Стоилов, ги складирал во штабот на Втората Армија во Велес, каде собрал 16 сандаци. 10
Во запишаните материјали на Стоилов наоѓаме уште еден интересн податок за манастирот Трескавец, во кој тој потврдува дека три документи – грамоти, од кои една пишувана на пергамент (кожа) и два на хартија. биле испратени во Србија, по барање за „испитание на старините“. Во документот е запишано дека „кога ќе станат нужни“ да се вратат во манастирот, а на документот е потпишан старешината (игуменот) папа Христо папа Трајков од село Долгавец. 11
1 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК–Прилеп, Прилеп 1981.
2 Исто.
3 Исто.
4 Г. Трајчев, Град Прилеп …, стр. 59. Марко Цепенков за поп Ангеле Смичков вели дека напишал и некаква книшка.
5 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец …
6 Исто.
7 Г. Трајчев, Град Прилеп …
8 Б. Конески, Ј. Х. – Џинот…
9 Боро Мокров, Прилеп и Прилепско 1893–1918, Друштво за наука и уметност–Прилеп, Прилеп 1991.
10 А. П. Стоиловъ, До господина Началника на Щаба на II армия(ЦВА, ф. 40, оп. II, а.е. 935, л. 38)
11 А. П. Стоиловъ, Въ Трѣскавския манастиръ,Сборникъ, Народни умотворения и книжнина, София 1900.

abvedit среда, 10. јул 2019.
Слушајте аудио книги со Listen Audiobook Player

Нема ништо лошо во читањето книги, но одредени ситуации едноставно преколнуваат пишаниот збор да биде апсорбиран преку слушалки. Ситуации како физичка активност, патување, или кога вашата подобра половина ви каже дека треба сериозно да разговарате за вашата иднина. Да, да. Вие може да разочарате некого, но Listen Audiobook Player нема да ве разочара вас во ниеден момент.
Програмот изобилува со комплексни можности за манипулација и преслушување на вашите аудио книги. Нема никакви реклами, нити пак бара дополнителни плаќања за отклучување на некоја напредна можност. Штом ги префрлите аудио книгите во вашиот телефон, покренете го програмот и дозволете му неколку секунди за да ги смести сите книги во библиотеката. 

Процесот е автоматски и целосно заобиколува кратки аудио формати, односно песни. За да ги слушате книгите, потребно е да располагате со DRM free формат, како mp3, m4b, m4a, opus, ogg, aac, или flac. Замислете дека сте префрлиле една книга и сте започнале да ја слушате преку апликацијата.

 На главниот екран добивате увид во корицата на книгата, а слушањето може да оди со нормална брзина, или пак успорено, односно забрзано, што е одлично доколку сакате да „читате“ книга со забрзано темпо.

 Но, книгата не ви се слуша повеќе на телефонот и сега сакате да го продолжите слушањето на таблетот. Listen Audiobook Player поддржува синхронизација помеѓу неколку направи и ви дозволува лесно да продолжите онаму каде што сте застанале. Оди до таа мера да ја памети и прилагодената гласност, како и чепкањето низ вградениот еквилајзер.

 Доколку ја пуштите книгата во доцните часови, програмот автоматски ќе намести да ја паузира книгата за 10 или 20 минути, како не би заспале, а книгата да ви шепоти цела ноќ.
Не постои ни една лоша работа која би можеле да кажеме за програмот. Сè работи онака како што е замислено, со огромна прегледност и погодности кои ќе бидат ценети од сите аудиофили. Програмот чини шеесетина денари, но целосно ја оправдува цената.

Мартин Јованчевски

abvedit четвртак, 4. јул 2019.
СВЕДОШТВАТА ОД ЧЕРНОБИЛ

Мини серијата на ХБО во пет продолженија, од која до сега се прикажани четири, ја актуелизира подзаборавената тема за советскиот нуклеарен реактор и за тој мај 1986 кога веста за неговата експлозија до нас стигна во форма на забрана за јадење марули и играње на дожд. Но последиците за огромен број луѓе, и по сè што некогаш било живо во непосредна близина на несреќата, се чувствуваат и денес.

Светлана Алексиевич
Во времето на катастрофата (април 1986), нобеловката Светлана Алексиевич работела како новинарка во Минск. По несреќата таа интервјуирала повеќе од 500 очевидци, членови на семејствата на настраданите пожарникари, „расчистувачи“, политичари, лекари и физичари. Нејзината книга „Чернобилска молитва“ (американското издание под наслов “Гласови од Чернобил: усна историја на една нуклеарна катастрофа“) пренесува само мал дел од овие сведоштва, меѓу кои се препознаваат и такви кои се вградени во актуелната мини-серија „Чернобил“.
Едно од нив се однесува на пожарникарот Василиј и неговата бремена сопруга. И 33 години по трагичниот настан, овие човечки судбини се уште ја ежат кожата и предупредуваат.
****
ОСАМЕНИОТ ЧОВЕЧКИ ГЛАС
„Не знам за што да раскажувам... За смртта или за љубовта? Или можеби тоа е едно исто... За што?...Неодамна се бевме зеле. Уште одевме по улица и се држевме за рака, дури и кога одевме в продавница. Секогаш заедно. Јас му велев: ’Те сакам‘. Но, сè уште не бев свесна колку го сакам...

Живеевме во зградата на пожарникарниот оддел каде што служеше тој. На првиот кат. И таму имаше уште три млади семејства, сите имавме заедничка кујна. А долу, на приземје беа возилата. Црвени пожарникарски возила. Тоа беше неговата работа. Среде ноќ слушам некоја врева. Викање. Ѕиркам низ прозорец. Тој ме виде: ’Затвори ги прозорчињата и легни си да спиеш. Во централата има пожар. Бргу ќе си дојдам‘.
Самата експлозија не ја видов. Само пламен. Буквално сè светеше... Целото небо... Висок пламен. Црнила. Страшни жарје. А него го нема и го нема. Црниот чад беше од битуменот што горел,  покривот на станицата бил прелиен со битумен. Оделе како по смола, ми раскажуваше подоцна. Го гаснеле огнот, а тој ползел. Се кревал. Графитот што горел го туркале со нозе... Беа отишле без заштитни униформи, отидоа како што беа, по кошула. Не ги предупредиле, ги повикале како за обичен пожар...
Четири часот... Пет часот... Шест... Во шест часот планиравме да одиме кај неговите родители. Да садиме компири. Од градот Припјат до селото Сперижје, каде што живееја неговите родители има 40 километри. Да сееме, да работиме...Тој тоа го обожаваше...Мајка му често раскажуваше дека таа и татко му не сакале да го пуштат в град, дури и нова куќа изградиле. Го зеле војска. Служеше во Москва во пожарникарниот одред, и кога се врати, сакаше да биде само пожарникар! Ништо друго не признаваше. (Молчи.)
Понекогаш како да му го слушам гласот... Жив... Дури ни фотографиите не делуваат врз мене како гласот. Но тој никогаш не ме повикува. Ниту на сон... Јас го повикувам него...
Седум часот... Во седум часот ми кажаа дека е в болница. Отрчав, но околу болницата во круг беа наредени полицајци, никого не пуштаа. Имаше само возила на Брзата помош, кои постојано надоаѓаа. Полицајците викаа: Не приближувајте се до возилата, мерачите пукаат! Не само јас, сите жени притрчаа, сите чиишто мажи таа ноќ се нашле во централата. Се зафатив да ја барам својата пријателка, таа работеше како докторка во таа болница. Ја фатив за мантилот кога излегуваше од возилото: ’Помогни ми да влезам!‘ – ’Не можам! Лоша е состојбата со него. Со сите е лошо...‘. Ја држам: ’Само да го видам‘. ’Добро – вели – ајде, одиме. На петнаесет-дваесет минути‘. Го видов... Целиот беше отечен, подуен... Очи речиси немаше... ’Треба млеко. Многу млеко! – ми кажа пријателката. – Да испијат барем по три литра‘. – ’Но тој не пие млеко‘. – ’Сега ќе пие‘. Многу лекари, медицински сестри и особено болничарки од таа болница по некое време ќе се разболат. Ќе умрат. Но тогаш никој не го знаеше тоа...
Во десет изутрина умре операторот Шишенок. Тој умре прв... Првиот ден... Дознавме дека под урнатините останал вториот – Валера Ходемчук. Него не го извадиле. Го зацементирале. Но ние уште не знаевме дека сите тие ќе бидат само први...
Прашувам: ’Васењка, што да правам?‘ – ’Бегај одовде! Бегај! Ќе имаш дете‘. Бев бремена. Но како да го оставам? Ме моли: ’Бегај! Спасувај го детето!‘ – ’Прво треба да ти донесам млеко, па после ќе одлучиме‘.
Дотрчува мојата другарка Тања Кибенок... Мажот ѝ беше во истата соба. Со неа беше татко ѝ, со автомобил. Влегуваме во автомобилот и одиме во најблиското село по млеко, три километри од градот... Купуваме многу трилитарски тегли со млеко... Шест – за да има за сите... Но од млекото многу им се повраќаше... Постојано се онесвестуваа... Им ставаа инфузија. Не знам зошто, но лекарите тврдеа дека тие се отруле со гасови, никој не зборуваше за радијација. А градот се наполни со воена техника, ги затворија сите патишта. Насекаде имаше војници. Престанаа да сообраќаат возовите и шинобусите. Ги миеја улиците со некаков бел прашок... Се грижев како ќе отидам утредента в село за да му купам свежо измолзено млеко? Никој не зборуваше за радијацијата. Само воените лица одеа со гас-маски... Луѓето носеа леб од продавниците, отворени кеси со бонбони. Колачите беа изложени на послужавници... Обичен секојдневен живот. Единствено... Улиците ги миеја со некаков прашок...
Вечерта не ме пуштија во болницата. Имаше море од луѓе наоколу. Стоев спроти неговиот прозорец, тој пријде и нешто ми викаше. Очајно! Во толпата некој успеа да слушне: ноќеска ќе ги носат во Москва. Жените сите се собравме на купче. Се договоривме да одиме со нив. Пуштете нè кај нашите мажи! Немате право! Се тепавме, гребевме. Војниците, наредени во кордон во два реда, нè оттурнува. Тогаш излезе еден доктор и ни потврди дека ќе бидат пренесени со авион во Москва, но дека треба да им однесеме облека затоа што облеката што ја носеле во централата изгорела. Автобуси веќе немаше и ние се растрчавме низ цел град... Се вративме со торби, а авионот веќе полетал. Намерно така нè измамија. За да не викаме, да не плачеме...
Ноќ... Од едната страна на улицата имаше автобуси, стотици автобуси (веќе го подготвуваа градот за евакуација, а на другата страна имаше стотици пожарникарски возила. Ги донеле отсекаде.
Целата улица беше прекриена со бела пена. Одевме по неа... Викавме и плачевме...На радио објавија: градот ќе биде евакуиран на три до пет дена, земете со себе топли работи и тренерки, ќе живеете в шума. Во шатори. Некои луѓе дури и се израдуваа – ќе одиме во природа! Таму ќе го дочекаме Први мај. Необично. Си подготвуваа ражни месо, купуваа вино. Си земаа гитари, касетофони. Нашите омилени мајски празници! Плачеа само оние чиишто мажи настрадаа.
Не се сеќавам како сум допатувала... Како едноставно да сум се нашла таму, кога ја видов мајка му: ’Мамо, Васја е во Москва! Го однесоа со специјален авион!‘ Но ја допосадивме градината – компири, зелка (а за една недела селото го евакуираат!) Кој можеше да знае? Кој можеше тогаш да го знае тоа? Квечерум почнав да повраќам. Бев во шестиот месец од бременоста. Ми беше многу лошо... Ноќе сонував дека ме повикува, додека беше жив, ме повикуваше во сонот: ’Љусја! Љусењка!‘ А кога умре ниту еднаш не ме повика. Ниту еднаш... (Плаче.) Изутрината станав со мислата дека ќе отидам во Москва сама... ’Кај ќе одиш таква?‘ – плаче мајка му. Го подготвивме за пат и татко му: ’Нека те однесе‘. Ги извадивме од штедна книшка парите што ги имаа. Сите пари.
Патот не го паметам... Патот пак ми се изгуби од сеќавањето... Во Москва првиот полицаец го прашавме во која болница лежат чернобилските пожарникари, и тој ни кажа, јас дури и се зачудив затоа што пред тоа нè заплашуваа дека тоа е државна тајна, апсолутна тајност.
Шестата болница – на „Шчукинска“...
Во таа болница, специјална радиолошка болница, не пуштаа без дозвола. Ѝ дадов пари на портирката, и ми вели: ’Оди‘. Ми кажа на кој кат. Патем уште некого требаше да го молам... И така се најдов во кабинетот на раководителката на радиолошкото одделение – Ангелина Василјевна Гускова. Тогаш уште не знаев како се вика, ништо не запаметував. Знаев само дека треба да го видам. Да го најдам.
Таа веднаш ме праша:
– Мила моја! Мила моја... Деца имате ли?
Како да ѝ кажам; веднаш знаев дека треба да ја сокријам својата бременост. Инаку нема да ме пушти кај него! Добро беше што бев слабичка и ништо не се забележуваше.
– Имаме – одговарам.
– Колку?
Си мислам: ’Треба да ѝ речам дека се две. Ако е едно, нема да ме пушти‘.
– Момче и девојче.
– Штом се две, значи нема да треба да раѓаш повеќе. Сега слушај ме: централниот нервен систем е оштетен целосно, коскената срцевина е оштетена целосно...
’Добро – си мислам – ќе стане малку нервозен‘.
– Уште нешто: Ако заплачеш, веднаш ќе те избркам. Гушкање и бакнување не е дозволено. Блиску да не приоѓаш. Ти давам половина час.
Но јас знаев дека нема да си заминам оттаму. Ако заминам, само со него. Си се заколнав во себеси!
Влегувам... Седат на кревет, играат карти и се смеат.
– Васја! – му довикнуваат.
Се врти:
– О, браќа, готов сум! И овде ме најде!
Беше смешен, пижамата му беше број четириесет и осум, а тој носеше педесет и два. Кратки ракави, кратки ногавици. Но отокот од лицето му беше спаднат... Им ставаа некаков раствор преку инфузијата...
– Зошто си готов? – го прашувам.
И тој сакаше да ме прегрне.
– Седи-седи – докторката не го пушта да ми пријде. – Нема што да се гушкате.
Некако го свртевме разговорот на шега. Веднаш сите се собраа, дојдоа и од другите соби. Сите беа наши. Од Припјат. Ги донесоа дваесет и осум души со авион. Што има кај нас во градот? Им одговарам дека започнаа евакуација, целиот град го изнесуваат на три или пет дена. Момците молчат... А имаше таму уште и две жени, едната од нив била дежурна на влезот на денот на хаваријата, и таа заплака:
– Господи! Таму се моите деца. Како се сега тие?
Сакав да бидам малку насамо со Васја, барем една минутка. Другите тоа го почувствуваа, па секој си смисли некоја причина и излегоа в ходник. Тогаш го гушнав и го бакнав. Тој се оддалечи:
– Не седи блиску. Земи си столче.
– Остај, глупости се тоа – одмавнав со рака. – А ти виде ли каде беше експлозијата? Што има таму? Нели вие први влеговте...
– Најверојатно е некаков напад. Некој намерно го направил тоа. Сите наши момци така мислат.
Тогаш така зборуваа. Мислеа.
Наредниот ден кога дојдов, веќе лежеа поединечно, секој во посебна соба. Категорично им се забрануваше да излегуваат в ходник. Да комуницираат еден со друг. Си чукаа преку ѕидот: точка-тире, точка-тире... Точка... Докторите тоа го објаснуваа со тоа дека секој организам различно реагира на одредени дози озрачување, и дека она што може да го издржи еден организам, не може да го издржи друг. Таму каде што лежеа, дури и ѕидовите беа многу озрачени. Одлево, оддесно и еден кат под нив... Таму сите ги отселиле, немаше ниту еден пациент... Под нив и над нив немаше никого...
Три дена живеев кај своите московски пријатели. Тие ми велеа: земи тенџере, земи вангла, земи сè што ти треба, не срами се. Така се покажаа тие луѓе! Варев супа од мисирка, за шестмина. За сите шест наши момци... Пожарникари... Од истата смена... Сите тие беа дежурни таа ноќ: Вашчук, Кибенок, Титенок, Правик, Тишчура. В продавница на сите им купив паста за заби, четки, сапун. Ништо такво во болницата немаше. Мали крпчиња им купив... Им се чудев и им се воодушевував на пријателите. Се разбира дека се плашеа, не можеа да не се плашат, веќе имаше секакви гласини, но сепак самите ми нудеа: земи сè што треба. Земи! Како е тој? Како се сите тие? Ќе живеат ли? (Молчи). Тогаш запознав многу добри луѓе, не ги запаметив сите... Целиот свет се собра во една точка. Тој... Само тој... Се сеќавам на една возрасна болничарка, која ми велеше: ’Има болести што не се лечат. Треба само да се седи покрај болниот и да му се гали раката‘.
Рано изутрина одам на пазар, оттаму кај своите пријатели, варам супа. Сè да изрендаш, да надробиш, да разделиш по порции. Некој молеше: ’Донеси јаболко‘. Со шест полулитарски шишенца... Секогаш за шестмина! В болница... Седам довечер. А вечерта пак до другиот крај на градот. Колку би издржала така? Но по три дена ми рекоа дека можам да останам да живеам во хотелот за медицински лица на територијата на самата болница. Боже, каква среќа беше тоа!!
– Но таму нема кујна. Како ќе им готвам?
– Веќе нема потреба да им готвите. Нивните желудници престануваат да ја примаат храната.
Тој почна да се менува – секој ден веќе среќавав друг човек... Изгорениците излегуваа на површина... Во устата, на јазикот и образите, првин се појавија мали чирови, потоа пораснаа. Паѓаа цели парчиња слузокожа, бели ленти. Бојата на лицето... Бојата на телото... Сина... Црвена... Сиво-кафена... А тоа сè уште беше толку мое, толку сакано! Тоа не може да се прераскаже! Тоа не може да се напише! Дури ни да се преживее... Ме спасуваше тоа што сето тоа се случуваше мигновено, немаше кога да се мисли, немаше кога да се плаче.

Го сакав! Уште не бев свесна колку многу го сакам! Само што се бевме зеле, уште не си се имавме изнарадувано еден на друг... Одиме по улица. Туку ќе ме крене на раце и ќе се сврти во круг. И ме бакнува, ме бакнува. Луѓето одат покрај нас и сите се насмевнуваат.

Клиника за силно озрачување – четиринаесет дена... За четиринаесет дена човекот умира...Во хотелот првиот ден дозиметристите ме измерија. Облеката, чантата, паричникот, чевлите – сè „гореше“. И сите овие работи ми ги зедоа на самото место. Дури и долната облека. Ми ги оставија само парите. Во замена ми дадоа болнички мантил број педесет и шест, а јас носев четириесет и четири, а влечките беа број четириесет и три наместо триесет и седум. Облеката, рекоа, можеби ќе ви ја донесеме, а можеби и не, прашање е дали ќе може да биде „исчистена“. Со таков изглед се појавив пред него. Се исплаши: ’Боже, зошто си таква?‘ А јас сепак успевав да варам супа. Зовриена вода турав во стаклена тегла... Во неа фрлав парчиња пилешко... Најмали што можев... Потоа некој ми го даде своето тенџерче, Мислам дека беше собарката или дежурната во хотелот. Некој ми даде штиче, на коешто сечев свеж магдонос. Во болничкиот мантил јас самата не можев да отидам на пазар, некој ми ги носеше продуктите. Но сè беше бескорисно, тој не можеше ниту да пие... Ниту да голтне свежо јајце... А јас сакав да му донесам нешто вкусно... Како тоа да можеше да помогне.

Отидов в пошта: ’Девојчиња, ве молам, морам итно да им ѕвонам на родителите во Ивано-Франковск. Мажот ми умира овде‘. Веднаш сфатија од каде сум и каков е мојот маж, веднаш ме поврзаа. Татко ми, сестра ми и брат ми истиот ден тргнаа кон Москва. Ми ги донесоа работите. Ми донесоа пари. Деветти мај... Тој секогаш ми велеше: ’Не можеш да си замислиш колку е убава Москва! Особено на Денот на Победата, кога има огномет. Сакам да го видиш тоа‘. Седам крај него во болничката соба, ги отвори очите:
– Сега е ден или вечер?
– Девет навечер.
– Отворај го прозорецот! Почнува огнометот!
Го отворив прозорецот. Седми кат, целиот град е пред нас! Огнениот букет летна кон небото.
– Прекрасно!
– Ти ветив дека ќе ти ја покажам Москва. Ти ветив и дека на секој празник цел живот ќе ти давам цвеќиња...
Се подзаврти – вади од под перницата три каранфили. Ѝ дал пари на медицинската сестра и таа купила.
Притрчав и го бакнувам:
– Единствен мој! Љубов моја!
Налутено ми подвикна:
– Што ти рекоа докторите? Не смееш да ме гушкаш! Не смееш да ме бакнуваш!
Ми забранија да го прегрнувам. Да го галам... Но јас... Го поткревав и го седнував на креветот. Му ја местев постелата, му ставав топломер, ги носев лопатката и гуската... Го бришев... По цела ноќ бев крај него. Стражарев над секое негово движење. Секоја воздишка.
За среќа не се случи тоа во собата, туку во ходникот... Ми се сврти во главата, се фатив за парапетот... Покрај мене минуваше еден доктор, ме фати за рака. И неочекувано ми рече:
– Вие сте бремена?
– Не-не! – Се исплашив дека некој може да нè слушне.
– Не лажете ме – воздивна тој.
Се збунив, не стигнав ништо да го замолам.
Наредниот ден ме повикуваат кај раководителката:
– Зошто ме измамивте? – строго ме праша таа.
– Немав друг излез. Ако ја кажев вистината, ќе ме пратевте дома. Тоа беше бела лага.
– Знаете ли што направивте!!
– Но јас сум со него...
– Мила моја! Мила моја...

Додека сум жива, ќе ѝ бидам благодарна на Ангелина Василјевна Гускова. Целиот живот! И други жени почнаа да доаѓаат, но нив веќе не ги пуштија. Со мене беа нивните мајки: на мајките им дозволија... Мајката на Володја Правик сето време го молеше Бога: ’Земи ме подобро мене‘.
Американскиот професор доктор Гејл... Тој направи операција за пресадување на коскена срцевина... Ме тешеше: има надеж, мала, но има. Тоа е многу силен организам, многу силно момче! Ги повикавме сите негови роднини. Двете негови сестри дојдоа од Белорусија, братот од Ленинград – тој таму служеше. Помладата Наташа, имаше четиринаесет години, многу плачеше и се плашеше. Но нејзината коскена срцевина одговараше најмногу... (Замолчува.) Сега веќе можам да раскажувам за тоа... Досега не можев. Десет години молчев. Десет години... (Замолчува.)

Кога тој дозна дека коскената срцевина ќе ја земаат од неговата помлада сестра, категорично одби: ’Подобро да умрам. Не чепкајте ја неа, таа е мала‘. Постарата сестра Људа имаше дваесет и осум години, самата таа беше медицинска сестра, знаеше на што се нафаќа. ’Само да живее тој‘ – велеше таа. Ја видов операцијата. Лежеа еднододруго на операционите маси... Имаше голем прозорец во операционата сала. Операцијата траеше два часа... Кога завршија, полошо ѝ беше на Људа, отколку нему, таа на градите имаше осумнаесет боцкања, тешко се освестуваше од анестезијата. И ден-денес е болна, со инвалидитет... Беше убава, силна девојка. Не се омажи... А јас тогаш се траштав од една во друга соба, од него кон неа. Тој веќе не лежеше во обична соба, туку во специјална барокомора, зад проѕирна фолија, зад која не смееше да се влегува. Таму има специјална опрема што овозможува да се ставаат инјекции, да се става катетер, без да се влегува во фолијата... Сè беше на лепенки, на патенти, и јас се научив да ги користам... Тивко ја тргав фолијата и се провирав кај него... Најпосле покрај неговиот кревет ми ставија мало столче. Му стана толку лошо, што веќе не можев да го оставам ни на минута. Ме повикуваше постојано: ’Љусја, каде си? Љусењка!‘ ме повикуваше постојано... За другите барокомори се грижеа војници, затоа што болничарите одбија, бараа заштитна облека. Војниците ги изнесуваа лопатките и гуските. Го миеја подот, ја менуваа постелнината... Се грижеа во целост. Од каде се најдоа таму војници? Не прашав... Само тој... Тој... А секој ден слушам: умре, умре... умре Тишчура. Умре Титенок. Умре... Како со чекан по темето...

Столица имаше дваесет и пет до триесет пати на ден. Со крв и слуз. Кожата почна да му распукува на рацете, на нозете... Целото тело го прекрија плускавци. Кога ја вртеше главата, на перницата остануваа тутки коса... А сè беше толку блиско, толку сакано... Се обидов да се пошегувам: ’Дури и добро, нема да мораш да правиш фризура‘. Набргу ги потсрижија сите. Него го стрижев самата јас. Сè сакав да му правам самата. Ако можев да издржам физички, тогаш сите дваесет и четири часа не би се тргнала од него. Секоја минута ја жалев... Една минута без него, и веднаш ми беше жал... (Го покрива лицето со рацете и молчи.) Дојде брат ми и се исплаши: ’Нема да те пуштам таму!‘ А татко ми му вели: ’Зарем ваква можеш да не ја пуштиш? И низ прозорец ќе влезе! По пожарните скали!‘
Се одделив од нив... Се враќам – на масичката до него гледам портокал... Голем, но не беше жолт, туку розов. Се насмевнува: ’Ме почестија. Земи си‘. А медицинската сестра од зад фолијата ми мавта дека не смеам да го јадам портокалот. Штом постојал покрај него некое време, не само што не смее да се јаде, туку и да го допреш е опасно. ’Изеди го – ме моли – нели ти сакаш портокали‘. Го земам портокалот в рака. А тој во тој момент замижува и заспива. Сето време му ставаа инјекции за да спие. Седативи. Медицинската сестра ме гледа ужасната... А јас? Јас сум готова да направам сè, само за да не мисли на смртта... И на тоа дека неговата болест е ужасна и дека јас се плашам од него... Ми текнува на еден дел од некој разговор... Некој се обидуваше да ме вразуми: ’Не смеете да заборавате дека тоа пред вас веќе не е сопругот, не е саканиот човек, туку радиоактивен објект со висока густина на заразување. Не бидете самоубиец. Приберете се‘. А јас како без мозок: ’Ама јас го сакам! Го сакам!‘ Додека спиеше, му шепотев: ’Те сакам!‘ Одев низ болничкиот двор: ’Те сакам!‘ Ја носев лопатката или гуската: ’Те сакам!‘ Се сеќавав како живеевме со него порано. Во нашиот дом... Тој заспиваше ноќе дури откако ќе ме фатеше за рака. Имаше таква навика: во сонот да ме држи за рака. Цела ноќ.

А во болницата јас ќе го фатев за рака и не го пуштав...

Ноќ. Тишина. Ние сами. Ме погледна внимателно и одеднаш вели:
– Колку само сакам да го видам нашето дете. Како е тој?
– А како ќе го крстиме?
– Тоа веќе самата ќе смислиш...
– Зошто самата, кога сме двајца?
– Тогаш, ако се роди момче, нека се вика Васја, а ако биде девојче – Наташка.
– Како тоа Васја? Јас веќе имам еден Васја. Ти! Друг не ми треба.

Јас уште не бев свесна колку го сакам! Тој... Само тој... Како слепа! Не ги чувствував дури ни движењата под срцето... Иако веќе бев шести месец... Мислев дека, штом е во мене, мојата мала е заштитена. Мојата малечка...

За тоа дека ноќувам кај него во барокомората, никој од докторите не знаеше. Не помислуваше. Ме пуштаа медицинските сестри. Првин и тие ме убедуваа: ’Ти си млада. Што си намислила? Тоа веќе не е човек, туку реактор. Ќе изгорите заедно‘. Јас, како кученце, трчав по нив... Со часови стоев пред врата. Ги молев, ги преколнував. И тогаш тие ќе речеа: ’По ѓаволите! Ти си ненормална!‘ Изутрина пред осум часот, кога почнуваше лекарската визита, преку фолијата ми покажуваа: ’Бегај!‘. На еден час одев во хотелот. А од девет часот изутрина до девет часот навечер имав дозвола. Нозете до колена ми помодреа, ми отекоа, до толку се изморував. Душата ми беше поцврста од телото.

Љубовта моја...

Додека бев со него... не го правеа тоа... Но кога заминував, го фотографираа... Без никаква облека. Гол. Само со едно мало чаршафче врз него. Секој ден го менував чаршафчето, а навечер целото беше крвјосано. Го кревам и на рацете ми остануваат парчиња кожа, ми се лепат. Го молам: ’Мил! Помогни ми! Потпри се на рака, на лакт, колку што можеш, да ти ја наместам постелнината, не оставав ниту еден раб, ниту една нерамнинa‘. Секој раб предизвикуваше рана. Ноктите си ги потсеков до крв за да не го изгребам некаде. Ниту една од медицинските сестри не се осмелуваше да пријде, да го допре, ако требаше што и да е, ме викаа мене. И тие... Тие фотографираа... Велеа дека им треба заради науката. А јас сите нив би ги истуркала од таму! Би врескала и би ги удирала! Како смеат така! Само да можев да не ги пуштам таму... Да можев...

Кога излегував од собата в ходник... Се држам за ѕидот, за софата, оти ништо не гледам. Ја сопирам дежурната медицинска сестра: ’Тој умира‘ – таа ми одговара: ’А што очекуваше? Тој примил илјада и шестотини рендгени, а смртоносната доза е четиристотини.‘ И нејзе ѝ е жал, но на друг начин. А мене сè што е негово ми е мило... Сакано...

Кога умреа сите, болницата ја реновираа... Ѕидовите ги гребеле, паркетот го откорнале и го изнесле... Прозорците, вратите.

Понатаму – последно... Се сеќавам само на делови. Како низ магла...

Ноќе седам крај него на столче... Во осум изутрина: ’Васењка, ќе одам, малку да се одморам‘. Погледнува и замижува – ме пушта. Само што ќе дојдев во хотелот, во својата соба, легнував на под, на креветот не можев да лежам, сè ме болеше, и веќе ми тропа болничарката: ’Оди! Трчај кај него! Те вика итно!‘ А тоа утро Тања Кибенок многу ме молеше и ме викаше: ’Да одиме заедно на гробишта. Без тебе нема да можам‘. Тоа утро ги погребуваа Витја Кибенок и Володја Правик. Со Витја беа другари, се дружевме семејно. Ден пред експлозијата заедно се фотографираа кај нас во домот. Колку беа само убави нашите мажи таму! Колку беа весели! Последниот ден од тој наш живот... Дочернобилски... Колку бевме среќни! Се вратив од гробишта, брзо им ѕвонам на медицинските сестри: ’Како е?‘ – ’Пред петнаесет минути умре‘. Како? Цела ноќ бев кај него, само на три часа го оставив! Застанав на прозорецот и викав ’Зошто? За што!‘ Гледав кон небото и викав... Цел хотел да ме слуша... Се плашеа да ми пријдат... Се созедов и си реков: Ќе го видам последен пат! Ќе го видам! Се стрчав по скали... Уште лежеше во барокомората, не го однесле. Последните негови зборови биле: ’Љусја! Љусењка!‘ – ’Само што замина. Сега ќе дотрча‘ – го смирувала медицинската сестра. Воздивнал и толку.

Не се одделив веќе од него... Одев со него до гроб... Иако не го паметам самиот ковчег, туку големото полиетиленско пакување... Пакувањето... Во моргот ме прашаа: ’Сакате ли да ви покажеме во што ќе го облечеме‘. Сакам! Го облекоа во парадна униформа, на градите му ставиле качкет. Обувки не му избрале затоа што нозете му беа отечени. Бомби наместо нозе. Парадната униформа исто така мораа да му ја пресечат, не можеа да му ја облечат, немаше веќе цело тело. Имаше само една голема крвава рана. Во болницата последните два дена... Му ја кревам раката, а коската се клати, се ниша коската, телесното ткиво се распаѓаше од неа. Парчиња бел дроб, парчиња црн дроб му излегуваа низ уста... Се засркнуваше со своите внатрешности... Ќе си ја завиткам раката со завој и ќе му ја пикнам в уста, сето тоа го вадам од него... Тоа не може да се раскаже! Тоа не може да се напише! Не може ни да се издржи... И сето тоа ми беше толку блиско... Ниту еден број обувки не можеа да навлечат... Го положија во гробот бос...


Пред мои очи... Во парадната униформа го ставија во целофанска вреќа и ја заврзаа. И потоа таа вреќа ја положија во дрвениот ковчег... А ковчегот го завиткаа во уште една вреќа... Целофанот беше проѕирен, но дебел, како мушама... И потоа сето тоа го ставија во ковчег од цинк, одвај го стиснаа. Само качкетот остана одозгора.
Дојдоа сите... Неговите родители, моите родители... Во Москва купивме црни марами... Нè прими вонредна комисија. На сите им кажуваа едно исто: не можеме да ви ги дадеме телата на вашите мажи, вашите синови, тие се многу радиоактивни и ќе бидат погребани на московските гробишта на посебен начин. Во запечатени ковчези од цинк, под бетонски плочи. И вие треба да го потпишете овој документ. Потребна е вашата согласност. Некој ако се лутеше, ако сакаше да си го носи ковчегот во родниот крај, го убедуваа дека божем тие се херои и дека сега веќе не му припаѓаат на семејството. Тие се веќе државни луѓе... Ѝ припаѓаат на државата.

Се качивме во погребното возило... Роднините и некои воени лица. Имаше еден полковник со воки-токи... Преку воки-токито му кажуваат ’Чекајте ги нашите наредби! Чекајте!‘ Два или три часа се возевме во Москва по обиколница. Се враќаме пак во Москва... Преку воки-токито велат: ’Не дозволуваме влез на гробишта. Гробиштата се опседнати со странски дописници. Почекајте уште‘. Родителите молчат... Ја гледам црната марама на мајка ми... Чувствувам дека ја губам свеста. Ме обзема хистерија: ’Зошто да го криеме мажот ми? Што е тој? Убиец? Престапник? Криминалец? Кого го погребуваме?‘ Мајка ми ми вели: ’Тивко, тивко, ќеркичкe‘. Ме гали по главата, ме фаќа за рака. Полковникот пренесува: ’Дозволете ни да влеземе на гробишта. Жената збесна‘. На гробиштата бевме опкружени со војници. Одевме во конвој. И ковчегот го носеа во конвој. Никому не дозволија да пријде да се прости... Само роднините... Го затрупаа експресно. ’Брзо! Брзо!‘ – командуваше офицерот. Не ни дадоа време ниту да го прегрнеме ковчегот.

И веднаш – сите в автобус...

Веднаш ни купија и ни донесоа билети за назад... За наредниот ден... За целото време нè придружуваше еден човек во униформа, со војничко држење на телото, не ни дозволи да излеземе од хотелската соба и да купиме јадење за патем. Не дај Боже со некого да зборнеме, особено јас. Како божем да можев тогаш да зборувам, ни да плачам веќе не можев. Дежурната, кога заминувавме, ги преброи сите крпи, сите чаршафи... Веднаш ги стави во полиетиленска вреќа. Веројатно ги запалиле... За хотелот си плативме самите. За четиринаесет ноќевања...Клиника за озрачени – четиринаесет дена... За четиринаесет дена човекот умира...Дома заспав. Влегов и се струполив на креветот. Спиев три дни и три ноќи. Не можеле да ме разбудат... Викнале брза помош.

’Не – рекол докторот – не е умрена. Ќе се разбуди. Тоа е само страшен сон‘.

Имав дваесет и три години...

Се сеќавам на сонот... Ми доаѓа мојата умрена баба во облеката во која ја погребавме. И украсува новогодишна елка. ’Бабо, зошто имаме елка? Нели е лето сега?‘ – ’Така треба. Наскоро твојот Васењка ќе дојде кај мене‘. А тој пораснал во шума. Се сеќавам... Вториот сон... Васја доаѓа во бело и ја повикува Наташа. Нашето девојче, кое уште не го бев родила. Таа веќе е голема, и јас се зачудувам: Кога пораснала толку? Тој ја потфрлува до таванот и се смеат... А јас ги гледам и си помислувам дека среќата е толку едноставна. Толку едноставна! А потоа сонував... Скитаме со него по вода. Одиме долго... Мислам дека ме молеше да не плачам. Ми даваше знак оттаму. Одозгора. (Молчи подолго.)

Два месеци подоцна отидов во Москва. Од железничката станица отидов право на гробишта кај него! И таму на гробишта добив породилни болки. Само што заговорив со него... Викнаа брза помош. Им ја кажав адресата. Се породив на истото место... Кај Ангелина Василјевна Гускова... Таа уште претходно ме беше предупредила: ’Кај нас дојди да се породиш‘. А каде на друго место би можела да се породам? Се породив две недели пред терминот...

Ми ја покажаа... Девојче... ’Наташењка – ѝ викнав. – Тато те крсти Наташењка‘. Изгледаше како здраво дете. Рачиња, ножиња... А имала цироза... Во црниот дроб дваесет и осум рендгени... Вродена срцева мана... По четири часа ми кажаа дека девојчето умрело. И повторно... нема да ви ја дадеме! Како тоа нема да ми ја дадете?! Јас нема да ви ја дадам вам! Вие сакате да ја земете заради наука, а јас ја мразам таа ваша наука! Ја мразам! Таа прво го зеде него, а сега бара уште... Нема да ја дадам! Ќе ја погребам самата. Покрај него... (Преминува на шепот)

Не треба вака да ви зборувам... Не треба ова да ви го раскажувам... Не смеам да викам сега по мозочниот удар. И да плачам не смеам. Но сакам... Сакам да знаете... Уште никому не сум му ги откривала сите овие работи... Кога не им го дадов моето малечко девојче... Нашето девојче... Тогаш ми донесоа дрвена кутија: ’Таа е внатре‘. Погледнав: ја повиле. Лежеше во пеленчиња. И тогаш заплакав: ’Легнете ја покрај неговите нозе. Кажете му дека тоа е нашата Наташењка‘. Таму на гробот не пишува Наташа Игнатенко... Таму стои само неговото име... Таа уште немаше име, немаше ништо... Само душа... Душата таму ѝ ја погребав...

Кај него секогаш одам со два букети: еден за него, а вториот на крајчето ѝ го ставам нејзе. На гробот ползам на колена. Секогаш на колена... (Неповрзано.) Јас ја убив... Јас... таа... ме спаси... Моето девојче ме спаси мене, таа го примила целиот радиоудар врз себе, станала еден вид приемник на ударот. А толку малечка. Кревка. (Задишувајќи се) Таа ме заштитила. А јас ги сакав двајцата... Зарем... Зарем може да се убие со љубов? Со толкава љубов! Зошто се едно покрај друго? Љубовта и смртта. Секогаш се заедно. Кој ќе ми објасни? Кој ќе ми каже? На гробот ползам на колена... (Молчи подолго време.)

...Во Киев ми дадоа стан. Во голема зграда каде што сега живеат сите што си заминале од нуклеарната електрана. Сите се мои познаници. Станот е голем, двособен, за каков што мечтаевме со Васја. А јас полудував во него! Во секое ќоше, каде и да погледнев – секаде беше тој. Неговите очи... Почнав да реновирам само колку да не седам, да не мислам. И така две години... Сонувам сон... Одам со него, а тој оди бос. ’Зошто си секогаш бос?‘ – ’Затоа што немам што да обујам‘. Отидов в црква... Попот ме подучи: ’Треба да купиш папучи голем број и да ги ставиш во чиј било ковчег. И да напишеш на ливче дека се за него‘. Така направив. Стигнав во Москва и веднаш отидов в црква. Во Москва сум поблиску до него... Таму е тој, на Митинските гробишта... Му кажувам на служителот, вака и вака, треба да ги предадам папучиве. Ме прашува: ’А знаеш ли како се прави тоа?‘ Уште еднаш ми објасни... Токму тогаш внесоа еден стар дедо да го опеваат. Приоѓам до ковчегот, ја поткревам покривката и ги ставам папучите. ’А на ливче напиша ли за кого се?‘ – ’Да, напишав, но не наведов на кои гробишта лежи‘. – ’Таму сите тие се во еден свет. Ќе го најдат‘. Немав никаква желба за живот. Ноќе застанував на прозорец и гледав кон небото: ’Васењка, што да правам? Не сакам без тебе да живеам‘. Дење поминував покрај детската градинка, застанував и стоев... Можев да ги гледам децата бесконечно... Полудував! И почнав ноќе да се молам: ’Васењка, јас ќе родам дете. Веќе се плашам да бидам сама. Не можам да издржам повеќе. Васењка!!‘ Другпат се молам вака: ’Васењка, не ми треба маж. Подобар од тебе за мене нема. Сакам детенце‘.
Имав дваесет и пет години...

Најдов маж... Му раскажав сè... Целата вистина: имам една љубов за цел живот. Му открив сè... Се гледавме, но дома кај себе никогаш не го викав, дома не можев. Таму – Васја...

Работев во слаткарница. Ја мачкам тортата, а солзи ми се тркалаат. Не плачам, а солзите си се тркалаат. Единствено за што ги замолив девојките што работеа со мене, беше: ’Не жалете ме. Ако ме жалите, ќе си заминам‘. Не треба да ме жалите... Јас некогаш бев среќна...

Ми го донесоа орденот на Васја. Црвена боја... Не можев да го гледам долго. Солзите ми се тркалаа...

Родив момче. Андреј... Андрејка... Другарките ме спречуваа: ’Не смееш да раѓаш‘, и лекарите ме заплашуваа: ’Вашиот организам нема да издржи‘. Потоа... Потоа ми рекоа дека ќе биде без раче... Без десното раче... Апаратот така покажувал... ’Па што? – си мислев. – Ќе го научам да пишува со левото раче‘. А се роди нормално... убаво момче... Веќе оди на училиште, сите му се петки. Сега имам некого, за кого дишам и живеам. Светлото во мојот живот. Тој разбира одлично: ’Мамичке, ако отидам кај баба на два дена, ќе можеш ли да дишеш?‘ Нема да можам! Се плашам да се разделам од него на еден ден. Одевме по улица... И чувствувам дека паѓам... Тогаш ме погоди првиот мозочен удар... Таму, на улица... ’Мамичке, да ти дадам вода‘. – ’Не, стој покрај мене. Не оди никаде‘. И го грабнав за рака. Понатаму не паметам... Очите ги отворив в болница... Толку силно го фатив за рака Андрејка, што лекарите едвај ми ги отвориле прстите. Раката долго време му беше модра. Сега кога излегуваме од дома, ми вели: ’Мамичке, само не фаќај ме за рака. Никаде од тебе нема да отидам‘. И тој е често болен: две недели на училиште, две – дома со лекар. Така живееме. Се плашиме еден за друг. А во секој агол е Васја... Неговите фотографии... Ноќе долго зборувам со него... Се случува во сонот да ме замоли: ’Покажи ми го нашето детенце‘. Ние со Андрејка доаѓаме... А тој за рака ја доведува ќерката. Секогаш со ќерката. Игра само со неа.

Така живеам... Живеам истовремено во реалниот и во нереалниот свет. Не знам каде ми е подобро... (Станува. Оди кон прозорецот.) Нè има многу овде. Цела улица, така и ја викаат – чернобилска. Сиот свој живот овие луѓе работеа во централата. Многумина од нив сè уште одат таму на дежурство, сега централата ја одржуваат со дежурство. Никој таму веќе не живее и никогаш веќе нема да живее. Сите тие имаат тешки заболувања, инвалидитет, но работата своја не ја оставаат, се плашат дури и да помислат на тоа. За нив нема живот без реакторот. Реакторот е нивниот живот. Каде и кому му се потребни денес на друго место? Често умираат. Умираат ненадејно. На одење – додека одел, паднал, заспал и не се разбудил. Ѝ носел цвеќиња на медицинската сестра и му застанало срцето. Стоел на автобуска постојка... Тие умираат, но никој не ги испрашал како што треба. За тоа што го доживеавме... Тоа што го видовме... За смртта луѓето не сакаат да слушаат. За страшните работи...

Но јас ви раскажав за љубовта... За тоа како љубев...“

Људмила Игнатенко,
жена на загинатиот пожарникар
Василиј Игнатенко
македонско издание: Антолог
превод: Игор Станојоски

abvedit среда, 29. мај 2019.
Seo Services